You are currently viewing Зошто треба да наплаќаш пред да започнеш со работа

Зошто треба да наплаќаш пред да започнеш со работа

Повеќето фриленсери го почнуваат својот пат со ентузијазам. Конечно нешто свое, флексибилност, можност да работиш со клиенти што ги избираш. И во тој почетен момент, многу одлуки се носат со намера да се биде „лесен за работа“ и „фер“.

Една од тие одлуки е да почнеш да работиш пред да наплатиш.

На прв поглед, тоа изгледа како добар потег. Сакаш да покажеш вредност, да не го „исплашиш“ клиентот, да бидеш прифатлива, особено ако си нова. Но токму тука започнуваат првите проблеми што многумина ги доживуваат, а ретко ги очекуваат.

Кога ќе почнеш со работа без никаков аванс, всушност влегуваш во договор без вистинска рамнотежа. Ти инвестираш време, енергија и фокус, а од другата страна нема ништо што ја осигурува таа соработка. И тоа не значи дека клиентот има лоша намера. Напротив, многу често едноставно не му е приоритет.

Во реалниот свет, луѓето приоретизираат она што го плаќаат.

Ако некој не платил ништо, твојата работа останува во категоријата „ќе се занимавам со ова кога ќе стигнам“. Пораките доаѓаат подоцна, одговорите се кратки, задачите се менуваат, а роковите се одложуваат. Одеднаш се наоѓаш во ситуација каде што работиш, но не се движиш напред.

Ова постепено создава фрустрација. Не затоа што нешто драматично се случило, туку затоа што ништо не се случува со јасна насока. А ти веќе си вложила време.

И тука се појавува уште една, потивка последица, а тоа е несигурноста.

Кога работиш без да си платена, секој чекор го правиш со мала доза на сомнеж. Дали ова ќе се исплати? Дали вреди да вложам уште време? Дали клиентот ќе се појави кога ќе дојде моментот за плаќање? Оваа несигурност не е секогаш гласна, но е постојано присутна и влијае на квалитетот на твојата работа.

Од друга страна, кога постои плаќање однапред дури и делумно динамиката се менува целосно.

Одеднаш, постои структура. Постои договор што не е само вербален. Клиентот има инвестирано и затоа има интерес работата да се заврши. Комуникацијата станува појасна, роковите пореални, а твојата улога поцврста.

Ова не е само финансиска сигурност. Ова е психолошка стабилност.

Има уште една важна работа што често се потценува, а тоа е начинот на кој се поставуваш од самиот почеток станува шаблон за целата соработка. Ако започнеш без аванс, многу е веројатно дека и понатаму ќе правиш компромиси. Ќе прифаќаш доцнења, ќе правиш дополнителни задачи без договор, ќе се обидуваш да „одржиш добар однос“.

Но ако уште од старт поставиш јасна рамка дека работиш со плаќање однапред, тоа не го оттурнува добриот клиент. Напротив, го привлекува.

Добриот клиент не бара да работиш бесплатно. Тој бара јасност, сигурност и професионалност. А тоа се гради со процеси, не со импровизација.

Често се случува и моментот кога клиентот ќе каже: „Ајде прво да видиме нешто, па ќе продолжиме.“ Ова на прв поглед звучи разумно, но тука лежи ризикот. Ако почнеш да работиш без никаква обврска од другата страна, многу лесно можеш да влезеш во циклус на „само уште малку“, „само уште ова“, без јасен крај.

Не значи дека треба да одбиеш комуникација или да не покажеш ништо. Можеш да објасниш пристап, да покажеш претходни примери или да дадеш краток приказ. Но разликата е во тоа што не ја даваш целата вредност пред да постои договор.

И тука доаѓа делот што многу фриленсери го учат подоцна отколку што треба. Фриленсот не е само работа, туку систем. Вклучува договори, фактури, обврски, даноци и јасни процеси. Наплатата однапред е само еден дел од таа слика, но е многу важен.

Многу луѓе влегуваат во фриленс со креативен или технички фокус, но брзо се соочуваат со прашања за кои никој не ги подготвил. Како да фактурираат? Кога да наплатат? Кои се нивните обврски? Што е законски исправно?

Токму затоа, ваквите теми не треба да се учат „во движење“ преку грешки, туку навреме.

Ако си во фаза каде што почнуваш или сакаш да поставиш подобра основа, вреди да одвоиш време да ги разбереш овие аспекти.

На 6 мај ќе се одржи настан посветен токму на ова на тема право и даноци за фриленсери во Македонија. Ова се теми што најчесто доаѓаат подоцна, кога веќе си во процес, но реално треба да бидат дел од почетокот.

Секој фриленсер почнува со ентузијазам. Потоа доаѓа реалноста — фактури, договори, даноци, придонеси. И многумина се снаоѓаат сами, без јасни информации.

На овој настан, Петар Тодоровски ќе зборува за правата и обврските што ги имаш како фриленсер, а Елизабета Чингаровска ќе ги објасни практичните аспекти на даноците, регистрацијата и финансиското работење. Настанот ќе се одржи во Base 42 на 6 мај од 18 до 20 часот, влезот е слободен, но местата се ограничени, па потребна е пријава на следниот линк https://shorturl.at/LRc2P .

Ова не е нешто што треба да го знаеш „еден ден“. Ова е дел од тоа да бидеш стабилен во тоа што го градиш.

На крајот, наплатата однапред не е само правило што „треба да го следиш“. Таа е одлука за тоа како сакаш да изгледа твојата работа. Дали ќе биде нешто што го правиш со несигурност и постојано прилагодување, или нешто што има структура, вредност и јасни граници.

Барањето аванс не те прави тешка за работа. Не те прави ризична. Те прави сериозна во она што го нудиш.

А кога си сериозна во својата работа, многу полесно е и другите да бидат сериозни со тебе.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.