1. Што те доведе да навлезеш во водите на фриленсерството? Какви се предизвиците на почеток?
Мојот почеток во фриленс водите се случи за време на моите студии и беше сосема случаен. Барем на почетокот не планирав да биде долгорочен пат по кој што мојата кариера ќе се движи, но одличната можност за заработка, можноста за учење и надградување додека работев на најразлични проекти, ме натера да продолжам да работам за клиенти низ целиот свет дури и во периодот по завршувањето на моите студии кога веќе имав фул тајм работа.
Предизвици на почетокот има доста. Најголемиот предизвик е секако да се добие првата работа и првата позитивна оценка. За мене огромен предизвик беше и снаоѓањето во административните работи и изнаоѓањето адекватен начин за исплата. За среќа, со текот на годините и со самата популаризација на филенсерството во нашата земја овие процедури стануваат се поедноставни и полесни.
2. Како дипломиран архитект, за разлика од други, ти успеа да ја примениш гранката за која си студирала во фриленсингот. Каква е состојбата на фриленс пазарот за архитекти? Дали и оваа индустрија бележи зголемена побарувачка и раст?
Моменталнaта понуда на работа за архитекти на фриленс платформите е огромна. На разлилни платформи како Upwork, Fiver, Peopleperhour, Houzz може да се налета на секакви проекти почнувајки од 3D визуелизација, ентериерно уредување па се до проектирање и урбан дизајн.
Периодот кога јас започнував со работа онлајн, тоа не беше случај, но сепак успеав да ја искористам и релативно малата побарувачка на архитектонски услуги, и да бидам вклучена во различни проекти. Поради тоа, на почетокот ја немав таа привилегија да прибирам на кој тип проекти би сакала да работам.
Сега тоа не е веќе така, не само за мене, туку и за почетниците токму поради поголемиот избор што се нуди и зголемениот број на клиенти кои што ги користат фриленс платформите за да си помогнат при завршување на проектите.
Сметам дека кога веќе сте одлучиле да работите на некоја фриленс платформа, многу е важно да пристапите со отворен ум на аплицирањето и избирањето на работа. Понекогаш треба да се прифатат проекти кои не ви се сосем во согласност со желбите а се во доменот на вашата или сродна професија. Барем се до моментот до кога ќе успеете да добиете работа која што ја посакувате и за која сте квалификувани.
3. Како личи еден обичен ден како фриленсер? Дали овој начин на заработка може да биде за секого?
Доста често го имам слушано она дека најубавата работа за бидувањето фриленсер е дека можете да работите кога сакате. Но не би можела да кажам дека комплетно се согласувам со тоа. Работењето за повеќе клиенти одеднаш, од различни земји во различни временски зони си носи со себе сериозен предизвик во организирањето на денот, а притоа и потреба да работиме не баш тогаш кога сакаме, туку тогаш кога ќе мораме.
Но од друга страна, позитивната работа е што кога сте фриленсер, вие го одбирате бројот на проекти и количината на работа која што ја работите, и тоа всушност ви го дава тој адут и простор за полесна организација на денот и да успорите доколку имате потреба. А и секако, кога сте фриленсер можете да работите од каде што сакате, што и те како влијае на начинот на кој што ќе си го организирате денот и на мотивацијата за работа.
Сметам дека понудата на работа на фриленс платформите е толку разнолика, што овој начин на заработка е апсолутно за секого, од секоја професија. Познавање англиски, поседување компјутер и волја се единствените работи кои се доволни за некој да почне да работи онлајн.
4. Кои се твоите совети за секој кој што сака да започне кариера како фриленсер?
Единствен совет што би можела да го дадам за некој што започнува кариера како фриленсер, е да биде упорен и трпелив. Свесна сум колку почетокот знае да биде тежок и демотивирачки, и знам дека голем број на луѓе се откажуваат на таа прва препрека, да го најдат првиот клиент.
Но не би можела да кажам ниеден друг рецепт за успех, или скратен пат на почетокот од тоа да се биде константен во аплицирањето на проекти, искрен во пристапот со клиентите и флексибилен за нивните потреби и барања.
Моника е дел од мрежата на ментори кои ќе ги предводат идните фриленсери во Република Северна Македонија. Преку нејзината експертиза фриленсерите ќе имаат прилика да се здобијат со мноштво вештини кои ќе резултираат со активно зголемување на фриленс заедницата и зголемена заработка.
Доколку сакате да научите за архитектура од Моника и да станете успешен фриленсер пријавете се на следниот ЛИНК
Оваа активност е поддржана од RECONOMY програмата.
RECONOMY е регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Импакт Фондација и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.