You are currently viewing Прирачникот на Богдан за содржина што редовно победува: Конзистентноста поважна од виралноста

Прирачникот на Богдан за содржина што редовно победува: Конзистентноста поважна од виралноста

Богдан Никула од Романија има многу улоги—диџеј, фотограф, видеограф, монтажер, дизајнер, но неговата предност е што идеите ги претвора во содржина што дава резултати од недела во недела. Клиенти добива преку LinkedIn и тесна мрежа на партнери, а креира содржина за социјални мрежи која вклучува од 2D/3D анимација до gameplay снимање и динамична видео монтажа. За еден клиент во една недела стигнал до 9,7 милиони прегледи на различни платформи; сепак тврди дека стабилни видеа со 50–100 илјади прегледи носат повеќе резултати од едно вирално видео со милионски прегледи.

Разговараше: Катерина Смилева Божиновска

Да почнеме со твоето  работно искуство, што правиш секојдневно?

Богдан: Играм повеќе услоги: диџеј, фотограф, видеограф, видео-монтажер и дизајнер. Правев и voiceover-и и водев настани. Накратко, покривам широк спектар креативна работа.

Кои платформи ги користиш за да стигнеш до клиенти?

Богдан: Клиентите најчесто доаѓаат сами. LinkedIn ми е главен канал и најдобро работи за поголеми проекти. Избегнувам генерички фриленс платформи, тешко е таму да се стигне до клиенти со сериозни буџети. Имам мултинационален клиент на договор речиси три години и изградив мрежа каде што разменуваме проекти и контакти, затоа LinkedIn и директното вмрежување ми се фокус.

Работиш сам или со тим?

Богдан: Зависи од обемот и буџетот. Можам да водам проект сам, но имам и тимови што ги вклучувам кога треба. Не секој бриф носи голем буџет, скалирам нагоре или надолу според потреба.

Како ја дефинираш својата улога и каде тука влегува стратегијата?

Богдан: Испорачувам цел пакет, но главната титула ми е визуелен раскажувач. Повеќето клиенти доаѓаат со насока: „ни треба презентациско видео и неколку дизајни“, па јас ја прецизирам целта: „Што треба да постигне видеото: нови клиенти, пријави?“ Има стратегија во тоа, но сакам поголем дел од енергијата да оди во изработката. Ако треба подлабок маркетинг, вклучувам партнери. Обично почнуваме од договорена стратегија и градиме финален продукт.

Какви се условите за фриленсерите во Романија?

Богдан: Романија е прилично пријателска за фриленсери. Трошоците (надвор од неколку големи градови) се умерени, а регулативата не е тешка. Повеќето креатори имаат ДОО/фирма и бираат меѓу два даночни пристапи: околу 16% кон државата со книговодител што ги поднесува пријавите, или околу 10% плус пензиско и здравствено. Вкупно, најчесто си во ранг 25–28% што е ниско во споредба со, да речеме, Германија.

А инфраструктурата: дали поддржува работа на далечина?

Богдан: Да. Интернетот е одличен, брз и достапен. По месеци работа во делови од Азија и споредби со пријатели во Западна Европа, Романија стои многу добро. Одлична база за креатори на далечина; многумина и се селат тука поради тоа.

Можат ли брендовите „по нарачка“ да станат вирални или има поважна цел?

Богдан: Виралност може да се случи, но не се планира. Подобро е да испорачаш 50 парчиња содржина, каде што секое парче стигнува до 50 илјади прегледи, отколку да вложиш сè во едно видео што можеби ќе стигне 3–4 милиони. Кога десетици клипови носат watch time и интеракции, платформите те третираат како конзистентно ангажирачки профил. На пример, една недела собрав 9,7 милиони прегледи преку различни канали. Звучи моќно, но стабилните видеа со по десетици илјади прегледи се тие што градат pipeline и приход. Пикови се убави, но конзистентноста плаќа.

Објасни ми го пристапот на работа со локални клинети наспроти работа со клиенти на далечина.

Богдан: Локално, сакам да режирам и работам со суров материјал. На далечина, преферирам 2D/3D анимација или assets што целосно ги контролирам. Клиентите може да пратат снимки, но без да ги режирам, резултатот лесно отстапува, различни тимови, различни брифови. Контролата врз материјалите ја држи конзистентноста на квалитетот.

За во иднина: фриленсер засекогаш или нешто поголемо?

Богдан: Сакам бизнис изграден на истата вештина. Пробав апликации и dropshipping, но планот е студио што конзистентно испорачува содржина за брендови и им помага на креаторите да преминат од вработени во професионалци на далечина: вештини, проток на клиенти и системи. Целта е стабилност и слобода, а не зависност од еден работодавач или една платформа.