You are currently viewing Професии кои можат да се работат фриленс а не се ИТ

Професии кои можат да се работат фриленс а не се ИТ

Кога ќе се спомне фриленсерство во Македонија, најчесто првата асоцијација е ИТ. Програмирање, веб сајтови, апликации. Овој начин на размислување не е случаен, но е проблематичен. Не затоа што ИТ не е важен, туку затоа што создава впечаток дека ако не знаеш да кодираш, фриленсингот не е за тебе.

Она што многу луѓе не го гледаат е дека глобалните клиенти не купуваат вештини по список. Тие купуваат решенија. Некој што ќе внесе ред во процесите, некој што ќе комуницира јасно со корисници, некој што ќе разбере луѓе, јазик, контекст или бројки. Токму тука се отвора просторот за луѓе без техничка позадина.

Реални фриленс можности надвор од ИТ

1. Преведувачи и експерти за јазици

Не зборуваме само за буквален превод на текстови, туку за локализација, односно адаптирање на содржини за одредена култура, јазик и пазар. Компаниите често бараат луѓе што можат да ги приспособат маркетинг материјалите, веб страни или учебни содржини на начин што навистина им одговара на нивните корисници.

Што може да работиш:

  • превод и адаптација на содржини
  • јазичен QA и проверка на тон/стил
  • локализација на продукти за нови пазари

Што им треба:

  • одлично познавање на еден јазик (не 5 просечно)
  • основно разбирање на индустрија (SaaS, e-commerce, education)

Тука не ти требаат програмерски вештини и ова е одлична опција ако зборуваш еден или повеќе јазици.

2. Проект координатори и проект менаџери

(менаџирање без кодирање)

Една од најбараните улоги во remote средина, а истовремено најпогрешно разбрана. Не е потребно да знаеш да кодираш за да координираш тим што работи на дигитален продукт.

Што прават:

  • координација на тимови
  • следење рокови, задачи и приоритети
  • комуникација со клиенти и надворешни соработници

Вештини што се ценат:

  • јасна комуникација
  • организација
  • чувство за ризик и приоритет

Доколку ти недостасува знаење за проект менаџмент, СЕМОС Едукација има курс кој ќе ти помогне да се стекнеш со оваа вештина.

https://semosedu.mk/product-category/professions/project-manager/project-management-professional

3. Виртуелни асистенти

Виртуелен асистент одамна не значи „онлајн секретар“. Денес ова е широка улога што комбинира администрација, оператива и процесна оптимизација.

Типични задачи:

  • CRM и customer support координација
  • управување со календари и workflow-и
  • подготовка на извештаи и документација

Ова е особено атрактивна опција за луѓе со искуство во администрација, продажба или поддршка на клиенти. Но, виртуелен асистент е широк поим. Најчесто се завршуваат и задачи кои го олеснуваат секојдневието на клиентот или пак ако имате познавање или некоја вештина како водење на социјални мрежи, може да има и такви работни обврски.

Во 2025 година, SMX Академија имаа курс за виртуелен асистент предводен од Билјана Димитриевска. Ако сакаш да работиш како виртуелен асистент, можеш да ги следиш SMX Академија за да видиш кога ќе објават пак курс или пак да ја контактираш Билјана Димитриевска за подетални информации. Исто така, препорачуваме да ја заследиш и Клара Франчишковиќ @klarafranciskovic на инстаграм која има свој подкаст за виртуелни асистенти и споделува корисни информации како да работиш како ВА (https://www.youtube.com/@lets-valk). 

4. UX истражувачи

Оваа улога знае да звучи „премногу академски“, но UX истражувањето е едно од најактуелните полиња денес и не бара дизајн или програмирање. Целта е да се разберат корисниците, односно што сакаат, како размислуваат, што ги спречува.

Типични активности:

  • интервјуа со корисници
  • анализа на однесување
  • тестирање кориснички искуства

Кој е идеален профил:

  • психологија, социологија, маркетинг, образование
  • луѓе што знаат да слушаат, анализираат и синтетизираат

5. Менаџери за управување со заедници

Управувањето со заедници е многу повеќе од поставување објави на социјални мрежи. Денес, многу стартапи и бизниси всушност го градат својот продукт со заедници, а не само за нив. Тоа значи дека управувањето со заедници станува стратешка улога, со голема вредност.

Што прават:

  • градење и негување на онлајн групи (Discord, Slack, Circle)
  • собирање фидбек
  • градење доверба и односи
  • поддршка и раст на корисничка база

За ова ти треба разбирање на луѓе, комуникациска способност и чувство за заедница, а не кодирање.

Успешен пример за фриленсер кој работи како менаџер со управување со заедници е Магдалена Јаворска. Повеќе за нејзиното искуство можете да прочитате на нашиот блог Од нула до 850 гласови: Како Магдалена изгради Дискорд заедница за млади преживеани од рак.

6. Сметководители и финансиски администратори

Сметководството е една од најпотценетите, а реално една од најпотребните улоги во фриленс светот. Многу фриленсери, мали бизниси и стартапи немаат ресурс да вработат сметководител со полно работно време, а воедно и познавање на оваа област, па бараат фриленсери што можат да помогнат со:

  • книговодство
  • фактурирање за меѓународни клиенти
  • даночно советување и усогласување
  • подготовка на финансиски извештаи

Ова е високо вреднувана услуга и може да ти донесе стабилен приход без техничка ИТ специјализација. 

Ако сакаш да започнеш да работиш како фриленс сметководител за клиенти од САД, ти препорачуваме да ги разгледаш обуките на NextGen Академија https://courses.nextgencompany.eu/

Што имаат сите овие улоги заедничко?

Сите овие улоги имаат нешто заедничко. Не бараат да знаеш да кодираш, но бараат да знаеш да работиш со луѓе, процеси и информации во вредноста што ја креираш. Овие вештини можеш да ги научиш  и да ги подобруваш со практика, ресурси и вистинска примена.

Како да почнеш

  1. Избери една улога што најмногу ти се допаѓа.
  2. Научи ги основите на алатки што ја поддржуваат таа улога (комуникациски канали, организациски платформи, јазични ресурси).
  3. Направи прв мини-проект кој може да биде волонтерски или за блиски, само за да имаш нешто со што ќе можеш да се претставиш.
  4. Објасни ја својата вредност јасно и директно бидејќи клиенти плаќаат за решени проблеми, не за дипломи.

Фриленсингот не е само за ИТ луѓе и не е само за програмирање. Тоа е начин на работа за секој што знае да решава проблеми, комуницира јасно и создава вредност, без разлика на техничката позадина.

Доколку сакате дополнителен преглед на фриленс професии со кои може да се започне веднаш, без долга подготовка или претходно искуство, може да го прочитате и нашиот претходен блог „Топ 5 фриленс професии во кои можете да започнете да работите денес“, каде што се опфатени почетнички опции и први чекори кон фриленсингот.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.