Qworkingo е основан од Игор Георгиоски и Никола Брдароски, софтверски инженери, а веќе 2 години и претприемачи и сопственици на Qworkingo – Coworking space Bitola и Qodix – компанија за развој на софтвер и консултантски услуги.
Првиот коворкинг и бизнис центар во Битола кој што овозможува креативно и мирно место за работа со 24/7 пристап и чии 70 уникатни посетители од 6 различни држави во првата година се доказ дека Битола имаше потреба од ваков простор.
Од каде ја добивте идејата да отворите co-working простор?
Иницијалните пресметки, прашања до сметководители и скици за отворање на коворкинг простор датираат од пред околу 3 години. Во Битола во тој период почнаа да влегуваат сериозни странски ИТ фирми чиј што концепт на работа од дома беше се уште нов за голем дел од фирмите кај нас.
Во екот на пандемијата кога скоро сите го научивме терминот „работа од дома“, дојде до еден момент каде што сфативме дека тоа не функционира баш така совршено заради сите крадци на нашето внимание (родители, цимери, партнери или вкусната храна во кујната). На неколку пати пробавме да работиме во ресторан и веднаш сфативме дека е многу полошо и од дома. На лице место се уверивме дека коворкинг просторот не треба да биде налик на ресторан каде што се организираат свирки или доаѓаат луѓе само за да потрошат време.
Знаевме дека работењето од дома е интересно, но работењето со истомисленици е позабавно и попродуктивно. Направивме еден краток состанок и тоа што го планиравме со години го одлучивме во 10 минути – ако ние имаме ваков проблем тогаш сигурно го имаат и останатите кои што работат од дома. Меѓутоа тоа не беше така едноставно – ние отворивме фирма со наша лична заштеда во време кога сите фирми затвораа. После повеќе од една година увидовме дека го направивме вистинскиот чекор.
Со отворање на стартап компанија си зададовме една мисија да им помогнеме и на другите стартапи, фриленсери, групи или индивидуи како нас да имаат мирно место за работа, да бидат продуктивни и да се фокусираат на своите цели.
Што нуди Вашиот co-working простор?
Пред се нудиме мирно и тивко место за работа, каде што седејќи на ергономски канцелариски столици и бироа ќе уживате пиејќи го вашето омилено кафе или чај во продуктивна атмосфера. Кога имате потреба од состанок имаме поставено silent booth кој што собира до 4 корисници, а онлајн состаноците ќе бидат пријатно искуство благодарејќи на оптичкиот интернет. Во горниот дел од просторот се наоѓа кујна, фрижидер и место за одмор и ручек со столици и bean bags.
Како дел од нашата идеја да прераснеме во хаб обезбедивме и 3Д принтер како и најбитното кога сакате да влезете во IT или претприемачките води – нашето искуство и совети. Кога еден човек ќе стане дел од нашата заедница, се што е внатре во Qworkingo е достапно за користење на сите, целосно вклучено во цената.
Кои се условите за користење и кој се може да го користи?
Имаме само еден услов – да ја преземете и да се регистрирате на нашата мобилна апликација https://app.oas.qodix.dev/ бидејќи таа е вашиот клуч за влез во коворкинг просторот. Со самата регистрација добивате бесплатен тест период од 4 часа – чисто да се запознаеме, а потоа можете не исконтактирате за купување на повеќе часови.
Наши корисници можат да бидат членови од сите професии, фриленсери, стартапи и компании со хибриден модел на работа, дигитални номади, студенти и било кој што му треба тивко место за работа. Просторот е испланиран за корисниците да не си пречат едни на други, меѓутоа сепак на крај на ден да има дружба и вмрежување.
Кои се бенефитите од користењето на ваков простор?
Доколку сте фриленсер или мала компанија најголемиот бенефит доколку ги користите услугите на Qworkingo е тоа што не губите време со барање и изнајмување канцеларија, плаќање сметки, купување на опрема, поправки и сл. Автоматски со тоа што ние ги преземаме тие одговорности вие имате можност да бидете покреативни и попродуктивни, да имате подобар баланс со вашиот приватен живот и вашата работа во која што ќе бидете помотивирани да ја работите бидејќи ќе бидите опкружени со истомисленици и вредни луѓе баш како вас.
Друг бенефит е вмрежувањето преку кое што имате можност да пронајдете нови вработени, да си најдете работа или да се запознаете со потенцијални клиенти. Ние веќе го видовме последниот бенефит во Qodix така што нашето најголемо партнерство дојде баш од корисник на нашиот коворкинг простор.
Дали има интерес во С. Македонија за користење на co-working простори?
Се надевам дека еден ден ќе видиме некаква статистика за ова прашање на ниво на цела држава, а дотогаш можам само да го искажам нашиот став за Битола – одговорот е да. Се покажа дека отворањето на коворкинг простор од ваков тип е вистински погодок. Самиот факт што во коворкинго се плаќа 6000 денари месечно со кои што немате никакви дополнителни трошоци, (дури ни за кафе), а моменталните цени на кириите се најмалку 5000 денари за мала канцеларија, не вклучувајќи ги режиските трошоци кои што секојдневно се зголемуваат.
Најголем интерес забележавме кај туристите кои што не посетија од 6 различни држави почнувајќи од соседна Србија па се до Англија, додека пак од локален аспект имаме договор со две компании кои што го одбраа Qworkingo да биде место од каде што ќе работат нивните вработени во Битола.
Во која насока сакате да се развива Вашиот co-working простор?
Од самиот почеток на отворањето имаме една и единствена цел – да станеме хаб каде што ќе се одржуваат хакатони, конференции, старт ап програми и инвестициски проекти. Со моменталното темпо гледаме потреба да ги зголемиме нашите капацитети во следните 2 години.
Дали имате стратегија за наредните 5-10 години?
Нашите претпоставки се дека традиционалниот модел на канцеларија каква што ја познававме до пред 3 години ќе биде избришан во наредните 10 години и гледаме дека дури и сега голем дел од компаниите користат хибриден модел. Меѓутоа, човекот е навикнат да функционира во заедница па макар тоа било и само за едно разменување на мислење.
Нашата цел во наредните 5 години е проширување на постојните капацитети од 15 на 50 места, а со самото тоа и потпишување договори со уште најмалку 3 компании, организирање на конференција и хакатон кои што се надеваме ќе прераснат во традиција.
Што мислите за работните места од далечина?
Можеби најдобриот модел на работа е хибридниот од едноставна причина што ја дава флексибилноста за локацијата од каде што ќе работите, која што пак носи до зголемена продуктивност, меѓутоа во исто време ги елиминира некои од негативностите од постојаното работење од далечина, а тоа е чувство дека не знаеме кога е доста со работа, не делиме приватен живот од работа, осаменост, останување мотивиран и препреките за работа кои што ги имаме дома.
Кои се најинтересните профили на фриленсери/компании кои доаѓаат кај Вас?
Најчесто нашите корисници се од софтверската индустрија. Од аспект на фриленсери низ Qworkingo поминаа фотографи, режисери, content writers, луѓе кои што работат грижа за корисници, CEO и CTO на различни фирми кои што беа дојдени на посета во Битола и им требаше мирно место за работа.
Како ги “држите” заинтересирани фриленсерите и кои настани ги одржувате кај Вас? Споделете со нас некои интересни примери/настани кои се реализирале или ќе се реализираат во Вашиот co-working простор.
Во првата година постоење организиравме 14 настани, од кој што можам да го издвојам нашиот најпопуларен настан кој што го одржуваме две години по ред во склоп на “Глобална недела на претприемништво”, како и технички настани (Google Hash Code Hub), предавања за технологија и за прв пат организиравме Secret Santa for the Qworking Community за сите оние кои што колегите се далеку од нив.
Каков ценовен модел користите и која е Вашата политика?
Условите за користење зависат од временскиот период, почнувајќи од 500 денари за 8 часа до 6.000 денари за 160 часа. Колку е подолг договорот толку е помала цената. Кај нас часовите не истекуваат веднаш, односно ако купите 8 часа нема да истечат во 1 ден туку во 7 дена, а месечните ќе истечат во 3 месеци.
Дали соработувате со друг простор како Вашиот, во земјава и во странство?
Во земјава се соочуваме со доста голем проблем – малцинството на бизниси се гледа како конкуренција помеѓу себе наместо да си помага. Сведоци сме на константно крадење на идеи, настани и клиенти, односно на некој начин сите се трудат да грабнат повеќе од колачот кој што во Битола е на позитивна нула во однос на профитот – и тоа не е факт кој што треба да не изненади, знаејќи дека повеќе од 65% од коворкинг просторите на светско ниво се непрофитабилни.
Имајќи ги во предвид фактите од погоре и со оглед на тоа што нема друг коворкинг простор од ваков тип во Битола, можностите за соработка ни се повеќе со IT компании и организации како Impact foundation и Startup Macedonia.
Меѓутоа кога некој од туристите од Битола оди во Охрид или Тетово топло ги препорачуваме тамошните коворкинг простори.