You are currently viewing CoWork – coworking простор во Гостивар

CoWork – coworking простор во Гостивар

CoWork Гостивар е проект имплементиран од здружението YEP Гостивар. Арлинд Муслиу, претседател на YEP и ко-основач на CoWork, е програмер кој има своја фирма со клиенти од САД и Европа. Во слободно време заедно со многу млади волонтери имплементираат различни проекти за доброто на општеството. CoWork е дизајниран да им помогне на младите претприемачи да започнат свој бизнис, без да размислуваат за големите почетни трошоци.

Од каде ја добивте идејата да отворите co-working простор?

Во 2019 година, Локман Муслиу, беше прифатен од страна на Американската Амбасада во проектот Tech Innovation and Entrepreneurship Professional Fellows Program имплементиран од здружението WorldChicago. Во тоа време, тој работеше во сличен CoWorking простор и дојде до идејата дека и нашето општество ќе има бенефит од ваков простор. WorldChicago беа првите кои ни понудија грант за оваа идеја, па потоа се придружи и општина Гостивар и ние самите финансиравме од нашиот буџет, односно од буџетот на фирмата. Со ова успеавме да имаме доволно средства за да отвориме простор кој ќе биде прилагоден со сите услуги на еден CoWorking простор.

Што нуди Вашиот co-working простор?

Нашата просторија има приватни маси кои се резервираат поединечно и има заеднички маси каде што резервирате стол. Другата опција е поевтина, наменета за студенти и за професии каде што нема потреба за голема маса со повеќе простор. Имаме кујна во која има фрижидер, микробранова, кафемат, електричен бокал, и др. Исто така, имаме приватна просторија која може да се резервира за приватни состаноци.

Кои се условите за користење и кој се може да го користи?

Членови на просторот можат да бидат од различни професии, како што се правници, сметководители, маркетинг менаџери, архитекти, фотографи, видео-едитори, консултанти, како и струки кои се тесно поврзани со дигиталните трендови. Доколку се почитуваат условите на просторијата, секој е добредојден. Но, на пример, не може да биде член некој што работи во CallCenter бидејки им пречи на другите членови на кои им треба тишина во работењето.

Кои се бенефитите од користењето на ваков простор?

Просторот е многу убаво среден и ги има сите услови за започнување на бизнис. За младите претприемачи или Freelancers е многу удобно да имаат состаноци со клиенти во една професионална просторија. Клиентите прво влегуваат во главната просторија која е целосно отворен простор од околу 150 м2, а потоа продолжуваат во собата за состаноци. Ова им дава предност на младите претприемачи да изгледаат професионално и спремно за големи бизнис проекти. А клиентот, од друга страна, не очекува евтина цена и лош квалитет.

Дали има интерес во С. Македонија за користење на co-working простори?

Ние мислиме дека секој град треба да има слични простори. Проблемот е во тоа што е многу тешко да се направи профит од ваквите простори бидејки целта е да се нуди професионален простор со евтина цена. Во времето на пандемијата, повеќе од 50% од големите coworking простори во светот, банкротираа бидејки не можеа да опстанат. Затоа сметаме дека овие простори треба да се отворат во соработка со институциите како што се агенцијата за млади и спорт или општината. Во нашиот случај, општината досега ни помагала со покривање на дел од нашите трошоци. Но, ние се уште немаме доволно буџет за да платиме професионално чистење или пак да имаме вработен човек кој би го менаџирал местото. Во моментот, овие две позиции ги покривам јас, доброволно, за да придонесам на моето општество.

Во која насока сакате да се развива Вашиот co-working простор?

Ние очекуваме да имаме простор кој ќе им помогне на младите претприемачи да ги реализираат нивните идеи и после неколку месеци или години успех, да излезат од нашиот простор и да продолжат да редат успеси во нивни персонални канцеларии. Исто така, очекуваме да имаме буџет со кој би им помогнале на младите да започнат бизнис во кој ние би имале дел од акциите и со тој профит би имале нов буџет за да им помогнеме на другите понатаму.

Што мислите за работните места од далечина?

Во времето на пандемијата беше многу неопходно да се работи од дома. Ова ги мотивираше многу луѓе да размислат за работење од далечина како долготрајна солуција. Јас мислам дека треба да имаме баланс. Има некои професии кои слободно може да функционираат од далечина/дома и за кои нема потреба од физички состаноци. Исто така, има професии за кои е невозможно да се работи од далечина бидејки мора работникот да биде физички присутен на работното место. Потоа, има професии во кои може да се направи комбинација од двете опции, некои дена од далечина/дома, а некои дена со физичка присутност.

Кои се најинтересните профили на фриленсери/компании кои доаѓаат кај Вас?

Кај нас досега сме имале програмери, дизајнери, архитекти и организатори на настани. Овие професии имаат најголема потреба од нашиот простор. Исто така, сме имале и наши сограѓани кои се иселиле во некоја европска земја и земале дозвола да работат неколку месеци од далечина и за тоа време ја користеа нашата просторија за работа, а по работното време се враќаа кај нивните фамилии. Порано истото не било можно, бидејки немале приватен простор со одлични услови.

Како ги “држите” заинтересирани фриленсерите и кои настани ги одржувате кај Вас? Споделете со нас некои интересни примери/настани кои се реализирале или ќе се реализираат во Вашиот co-working простор.

Ние имаме многу удобни услови, па затоа на членовите многу им се допаѓа да работат во нашиот простор. На пример, просторот има работно време од 9 до 5 за посетители и за тие што сакаат да го користат просторот за еден ден или една недела. Но, тие што имаат месечна членарина имаат свој клуч и може да го користат просторот 24/7.

Каков ценовен модел користите и која е Вашата политика?

Ние имаме многу евтини цени бидејки целта на нашиот простор е да им помогне на младите да ги развиваат своите идеи или да работат како фриленсери. Но, ние исто така имаме канцелариски трошоци кои мора да ги платиме, па затоа членарината помага во покривање на тие трошоци. Од голема помош ни е и општината Гостивар која во последните 3 години ги покрива дел од овие трошоци па сме во можност да продолжиме со евтини цени за сите заинтересирани.

Во моментов имаме околу 15 членови од максимум 22 слободни. Исто така, имаме можност да примиме до 30 членови во иднина ако имаме потреба. Во првата година имавме околу 10 членови, што значи дека полека стануваме видливи за младите.

Дали соработувате со друг простор како Вашиот, во земјава и во странство?

Да, сме имале неколку слични простори од странство кои не приклучиле во нивните мрежи за да имаат повеќе локации за нивните членови. Во нашата земја сме дел од екосистемот на StartupMacedonia. Овие соработки ни се многу важни за проширување на нашата мрежа и за зголемување на заинтересираноста кај младите во нашиот регион.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.