Јована Јорданова е 3D моден дизајнер и инструктор по дизајн на облека во 3D во VM3D fashion design. Воедно, Јована е и ментор на Благица Николова, од Струмица, која има 18 години, ученичка во гимназија на економска и правна струка, како и една од учесниците на обуката за дизајн на облека во 3D.
Поразговаравме со нив за обуката и за нивното искуство со дизајнирање на облека во 3D.
Јована, како дојдовте до идејата да станете ментор за дизајн на облека во 3D?
Дизајнерството за мене е мој начин и стил на живот. Бидејќи во 3D модниот свет, секојдневно откривав некои нови можности и знаења, решив моето искуство да го споделам со сите кои се спремни на тој чекор. Горда сум, бидејќи сите заедно го градиме успехот.
Раскажете ни, за кого е наменета обуката за дизајн на облека во 3D, што се може да се научи и на какви проекти може да работат учесниците по завршување на обуката?
Обуката е наменета за сите они што сакаат да се занимаваат со мода и да креираат со помош на дигитални алатки. Обуката ДИЗАЈНЕР НА ОБЛЕКА ВО 3D – основно ниво е работена по програма која може да ги опфати апликантите кои имаат и немаат искуство. Во рамките на основното ниво се изучуваат основните алатки, нивната функција и примена. Самите обуки, ви даваат можност да ги научите и совладате сите алатки во софтверот за 3D. Обуката е организирана со континуирана практична работа. Во текот на 13 недели кандидатите ќе изработат најмалку 13 проектни задачи, се со цел да ги совладаат алатките и да стекнат вештини за да можат да понудат услуга на своите клиенти.
По завршување на обуката кандидатите кои се без претходно знаење и искуство ќе можат да понудат услуга 3D Визуелизација со претходно зададен шаблон, додека пак, кандидатите кои веќе имаат претходно искуство можат да понудат широка палета на услуги, меѓу кои, како основни, се изработка на шаблони, моделирање на шаблон, градирање на шаблон, 3D Визуелизација на модел, припрема на кројни слики итн.
Оваа можност ја користам и да најавам дека за 2023 година, спремаме специјализирани обуки, за кои услов е да се знаат алатките во 3D софтверот т.е. да се има познавање од прво ниво, и на овој начин ќе им овозможиме на фриленсерите или сите учесници да ги унапредат вештините и да се специјализираат. Обуката ќе се одвива онлајн, така што претставува можност да се вклучат сите учесници од цела С. Македонија, без ограничување од простор и време. Заедно ќе создаваме вредности и ќе креираме нови вештини.
Накратко, споделете со нас, како поминаа првите обуки? Дали учесниците се подготвени да работат како дизајнери на облека во 3D? Каде може да аплицираат за пракса или работа?
Интересот е многу поголем од очекуваното, а со тоа и резултатите. Во првата група имаме 14 кандидати, истата е во тек и ќе заврши до 31.12.2022 година. Во рамките на истата, кандидатите ги изучуваат алатките за работа во 3D софтвер за моден дизајн преку 13 проектни задачи. Моментално, сме на 9-тата проектна задача, а веќе од следната недела започуваат со фриленс обуката.
Со континуирана работа и посветеност, ќе успеат да дојдат до посакуваниот резултат и замислените цели.
Во последните 4 недели, кандидатите следат и обука за фриленс, преку која имаат можност да го изградат својот фриленс профил и да започнат да градат фриленс кариера и комуникација директно со странски фирми.
Кога започнува новата група, која е цената, колку време трае и како ќе се спроведува? Дали планирате обуки и во иднина за сите оние кои ги пропуштиле овие рокови?
Новата група започнува од 30ти Ноември, а уписите се до 26ти Ноември. Целиот пакет чини 250 евра со вклучена лиценца за времетраење на обуката. Обуките траат 3 месеци и се еднаш неделно, онлајн предавање од 2 часа, каде работиме во мали групи. Додека пак, термините се формираат по договор со кандидатите.
Како резултат на големата заинтересираност за обуките, почнавме со формирање на групи и за следната година.
Благица, од каде дознавте за обуката “Дизајн на облека во 3D”?
За обуката дознав преку интернет каде беше објавено како “Дизајн за облека во 3Д” и имаше кратко видео кое ме привлече да истражувам малку повеќе во светот на дигиталната мода.
Што Ве мотивираше да се надградувате на полето на “Дизајн на облека во 3D” и дали имате планови да продолжите да се надградувате и во иднина?
Уште од дете ме привлекуваше уметноста, креативноста и знаев дека еден ден ќе започнам со нешто креативно. Креативноста најчесто ја пренесував преку цртeње. Како поминуваше времето, почнав се повеќе да размислувам за мода како кариера. Тоа ме мотивираше да се пријавам на обуката за “Дизајн на облека во 3D”. Да, секако, би го надградила знаењето во иднина. Бидејќи сакам да истражувам, експериментирам, креирам и да учам нови работи.
Какво е Вашето искуство со часовите и менторите и дали сте задоволна од стекнатото знаење?
Искуството со часовите и менторката е многу позитивно. Несебично споделување на знаење, професионалната обука која ми влеа самодоверба и ме научи на самостојност како што бара самата работа, моден фриленс и дигитален дизајн. Јас сум задоволна од тоа што досега го научив, бидејќи за прв пат се сретнав со нова дигитална технологија во модата.
Каде планирате да го искористите ново стекнатото знаење и дали имате идеја или желба каде би работеле или би оделе на пракса?
Моето знаење би сакала да го искористам за индивидуално креирање, моделирање, создавање на свој бренд кој би го понудила на пазарот и да работам како фриленсер за странски компании и брендови. За да работиш некоја работа мора да ја сакаш. Како што реков, сакам да бидам познат моден дизајнер со свој бренд и да работам по вкусот и желбите на потрошувачите и да правам мои лични креации.
Каде се гледате себеси за 10 години? Што би им препорачале на сите заинтересирани за обуката?
За 10 години, се гледам како успешен и креативен моден дизајнер во дизајнот на модата со свој бренд кој би го понудила на пазарот и ќе се обидам да ги задоволам желбите на потрошувачите.
На сите заинтересирани би им препорачала да се вклучат во обуката на “Дизајн на облека во 3D” и да креират нова можност и иднина, бидејќи секој нов почеток води и кон нови успеси.