Милена Ванчоска е фриленсер графички дизајнер, која успешно ја заврши тренинг програмата за графички дизајн на Monday Learning. Разговаравме за нејзиното искуство со тренинг програмата и фриленсингот. Милена е една од говорниците на настанот “Од почетник до успешен фриленсер”, кој ќе се одржи на 21.12.2023 (четврток) во 18.00 часот во Стартап Клуб Скопје.
Сподели ни нешто за себе и за твоето работно искуство.
Јас сум Милена, графички дизајнер во подем, сакам своите идеи да ги претворам во приказни па така и завршив во областа на дизајнот.
Околу моето работно искуство имам само да кажам дека максимално се трудам да напредувам и да еволуирам бидејќи дизајнот за мене е повеќе од професија, всушност тука станува збор за решавање на проблеми, наоѓање на решенија, комуникација и создавање емоции.
Зошто одлучи да аплицираш на тренинг програмата за графички дизајн во Monday Learning?
Водена од мотивацијата постојано да учам и да се надоградувам Monday Learning беше како одлична средина во која може да напредувам и да научам многу нови работи. Програмата беше така склопена да можам и да работам и да учам.
Колку си задоволна од тренинг програмата за графички дизајн и што најмногу ти се допадна?
На скала од 1 до 10, би рекла 100 🙂 Најмногу ми се допадна што имав можност да работам на реални проекти, за реални клиенти. Трчај бе! беше еден проект на кој заедно како група работевме дизајн и промоција на трката.
Кој дел од материјалот ти беше најголем предизвик?
Најголем предизвик ми беше лого дизајн, бидејќи дизајнирањето на лого иако креативно исполнува, исто така доаѓа со својот сет на предизвици. Тешко е да се постигне вистинската рамнотежа помеѓу едноставноста и пренесувањето на потребните информации што може да биде и предизвик. Логото треба да биде незаборавно и лесно препознатливо, што понекогаш е во конфликт со желбата на клиентите да се вклучат сложени детали. За да се создаде уникатно и оригинално лого на заситен пазар секако е еден голем предизвик.
Што те мотивираше да станеш фриленсер?
Најмногу ме мотивира слободата која ја имам работејќи фриленс, тоа ми овозможува да имам време за да учам и да се надоградувам постојано. Потоа една од причините за фриленс работа е тоа што можам да работам и од било каде, што не сум врзана за една локација.
Раскажи ни за твоето прво фриленс искуство.
Моето прво фриленс искуство беше офлајн, самоволно им ги понудив своите дизајнерски услуги на неколку мали локални бизниси, па сето тоа добро заврши и на крај го добив и својот прв клиент.
Кој е твојот совет за сите што сакаат да бидат фриленсер графички дизајнер?
Ако сте заинтересирани да станете фриленс графички дизајнер еве неколку совети кои можат да ви помогнат:
- Најпрво зацврстете ги вашите вештини во областа на дизајнот, дефинирајте ги вашите цели и пробајте да ја пронајдете својата нишка (јас се уште работам на тоа) 🙂
- Изградете добро онлајн присуство и секако добро портфолио во кое ќе ги прикажете вашите дизајни.
- Добро организирајте го вашето време, учествувајте на настани поврзани со дизајн, ширете ја мрежата на познанства во оваа област
- И најважно нонстоп учете!
Портфолиото на Милена 👇
https://www.behance.net/milenavanchoska
Овој блог е во рамките на проектот “Проширување на можностите за претприемништво на младите и економско зајакнување на жените”, поддржан од Амбасадата на САД во Северна Македонија.
______________________
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.