You are currently viewing Од фриленсер дизајнер до извршен директор: Мартин Цветановски, ко-основач на Monday и Monday Learning

Од фриленсер дизајнер до извршен директор: Мартин Цветановски, ко-основач на Monday и Monday Learning

Мартин Цветановски е ко-основач и извршен директор на Monday, ко-основач и креативен директор на Monday Learning, графички дизајнер и UX|UI специјалист. Од фриленсер графички дизајнер до ко-основач на Monday, дигитална агенција која нуди услуги за графички дизајн, брендинг и дигитален маркетинг. Мартин е еден од говорниците на настанот “Од почетник до успешен фриленсер”, кој ќе се одржи на 21.12.2023 (четврток) во 18:00 часот во Стартап Клуб Скопје.

Сподели ни го твојот кариерен пат. Како започна твојата кариера и до каде си сега?

За време на почетокот на моите студии започнав да го истражувам графичкиот дизајн и алатките поврзани со него. Тогаш открив дека графичкиот дизајн нуди значаен потенцијал за кариера, и се заинтересирав за начините како можам да напредувам и да заработувам во оваа индустрија. Мојот прв професионален ангажман беше преку онлајн платформи за лого дизајн. Бев активен на 99 designs и креирав лого дизајни за клиенти. Првата заработка на 19 години беше одлучувачки момент што ме поттикна да се фокусирам целосно на графичкиот дизајн и да градам свое професионално портфолио. Започнав со работа за клиенти од моето опкружување, нудев различни графички услуги како дизајн на постери, целосно брендирање, изработка на брошури и промотивни материјали. Ова фриленс искуство освен што ми помогна за градење на моето портфолио туку и ми отвори можности за вработување во неколку маркетинг агенции како графички дизајнер каде поминав голем дел од моето работно искуство додека паралелно работев и на фриленс проекти. Некои од тие клиенти на кои работев како фриленсер се и првите клиенти во Monday, дигитална агенција на која сум ко-основач веќе 4 години. Како дигитална агенција имаме работено со над 50 компании од различни индустрии нудејќи професионални услуги за графички дизајн, брендирање и дигитален маркетинг. Во рамки на нашите услуги е и Monday Learning, тренинг центар за програми од областа на графички дизајн и дигитален маркетинг.

Од фриленсер дизајнер до извршен директор. Како дојде до идејата за тренинг центарот Monday Learning?

Monday Learning се фокусира на подготовка на нови дизајнери и маркетери со вештините потребни за работното место. Од нашето искуство со дигиталната агенција, забележавме дека при регрутирањето на нови вработени, кандидатите често не ги задоволуваат основните вештини според бараните критериуми или пак немаат доволно обука за успешно вработување. Оттука се јави идејата да направиме тренинг програми кои ќе бидат дизајнирани според концептот “обука за работа”, подготвувајќи ги учесниците со алатки и вештини што ќе им помогнат побрзо да се справат со работните предизвици и вештини кои се потребни за работното место.

Какви програми нуди Monday Learning и кој се може да се пријави?

Во моментов, Monday Learning нуди обуки за Графички Дизајн и Дигитален Маркетинг. Дополнително сите учесници добиваат и бесплатна тренинг програма за фриленсинг каде работат под индивидуално менторство на професионалци во областа, добивајќи насоки и препораки како да бидат проактивни и да користат успешни тактики за брендирање; како до брзо и лесно градење на професионално CV и дизајнерско портфолио и како до креирање и оптимизирање на добар LinkedIn профил.

На тренинг програмите може да се пријават сите кои имаат интерес да започнат кариера како графички дизајнери или дигитални маркетери со или без претходни предзнаења.

Што се вклучува програмата за графички дизајн?

Програмата за графички дизајн вклучува специјално дизајнирани модули, овозможувајќи им на студентите без претходно искуство брзо да се развиваат и да стекнат вештини и алатки за самостојна работа на графички проекти. Програмата се состои од 8 модули: Вовед во Графички Дизајн, Adobe Illustrator, Лого Дизајн, Adobe Photoshop, Дизајн за Печатење, Дизајн за Социјални Медиуми, Вовед во Дизајн на Корисничко Искуство, и модул за Фриленсинг и креирање на портфолио.

Времетрањето е 3 месеци, а програмата е смислена на таков начин што нуди можност за интензивно учење и развој, со конкретни практични вежби, и работа на проекти од неколку различни клиенти. Благодарение на практичната работа, секој учесник почнува да го гради своето професионално портфолио и веќе ги има првите проекти кои може да ги прикаже на интервју за работа.

Студентите на програмата за графички дизајн имаат можност да работат на реални проекти. Раскажи ни како поминавте на предизвикот за ТРЧАЈ БЕ.

Студентите за време на целата програма имаат можност да работат на различни реални проекти од клиенти, но дефинитивно еден од омилените проекти е Трчај Бе. Monday Learning е главен креативен партнер на Трчај Бе и особено сме горди на нашите студенти од тренинг програмата за графички дизајн кои веќе трета година работат на промотивната кампања за настанот. Секоја година студентите успешно одговараат на предизвикот да создадат креативни решенија кои придонесуваат кон зацврстување на визуелниот идентитет на ТРЧАЈ БЕ и кои привлекуваат сѐ поголема публика на настанот.

Каков совет би им дал на сите што сакаат да се запишат на академијата за графички дизајн и да се стекнат со вештини и знаење за да работат како фриленсери графички дизајнери?

Ги охрабрувам сите кои имаат афинитет кон креативни вештини и кои размислуваат да започнат кариера како графички дизајнери да ни се приклучат на тренинг програмата за графички дизајн. Програмата е интензивна и динамична, напредокот веднаш се забележува и за кратко време секој кој е целосно посветен може да совлада доволно вештини за да може да започне со кариера како фриленсер графички дизајнер. Менторите многу професионално и прецизно го пренесуваат своето знаење сведувајќи го моментот на учење теорија на минимум, а фокусот е максимално ставен на практичните знаења и проекти. 

Уписите за следни групи се во тек и може да се аплицира на следниот линк:

https://learning.themonday.co/obuka-za-graficki-dizajn/

Овој блог е во рамките на проектот “Проширување на можностите за претприемништво на младите и економско зајакнување на жените”, поддржан од Амбасадата на САД во Северна Македонија.

______________________

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.