You are currently viewing IT Crowd – првиот coworking space во Битола

IT Crowd – првиот coworking space во Битола

IT Crowd е coworking space кој се наоѓа во центарот на Битола и е простор наменет за оние на кои им треба хибридна канцеларија и секојдневно место за работа преку компјутер, и не само тоа, посетителите имаат можност да уживаат во вкусната храна која се подготвува во кујната на IT Crowd.

Поразговаравме со Илче, кој е магистер по информатички технологии, а работи како Cloud Architect, односно DevOps Engineer.

Од каде ја добивте идејата да отворите co-working простор?

Идејата произлезе од моментот кога требаше да најдеме решение за спој на два фамилијарни бизниси, едниот доста стар, околу 25 години, за продажба на свежо месо исто така во центарот на градот, а другиот бизнис релативно нов, односно мала ИТ компанија која нуди консултантски услуги во рамките на Cloud и DevOps. Овој спој го создаде IT Crowd, првиот coworking space во Битола каде простор за работа најде и делот кој се занимава со ИТ а и другиот дел поврзан со храна си најде свој пазар.

Што нуди Вашиот co-working простор?

Широк спектар на услуги и доста новитети произлегуваат од IT Crowd, започнувајќи со храната каде имаме постоечки соработки со ИТ компании, потоа имаме соработки со ИТ компании кои им овозможуваат на своите вработени да работат во нашите простори, да ги промовираат своите услуги како и да извршуваат тимски активности оние кои немаат канцеларии во Битола. Нашиот тим нуди маркетинг услуги за ИТ компании кои сакаат да ги промовираат своите услуги на интерно ниво како и промоција на своите отворени работни позиции. Во IT Crowd се одвива мини академија за деца кои сакаат да учат програмирање преку игри и роботи, ова е целосно наш продукт и го носи името Rowbotech и заинтересираноста за оваа мини академија е се’ поголема и поголема.

Кои се условите за користење и кој се може да го користи?

Нашиот coworking е виртуелно поделен на повеќе делови каде што имаме простор кој е бесплатен, потоа имаме бироа кои ги издаваме на дневно или месечно ниво, а исто така имаме и канцеларија која исто така можат да ја користат оние на кои им е потребен тивок простор. Имаме и летна бавча која често беше користена за настани и промоции во изминатиов период.

Кои се бенефитте од користењето на ваков простор?

Главно социјализација, пронаоѓање на нови можности во своите кариери кај оние кои доаѓаат индивидуално, а на компаниите им нудиме атмосфера која им помага на своите вработени побрзо да се вклопат на проектите каде што работат.

Дали има интерес во С. Македонија за користење на co-working простори?

Во споредба со периодот кога го започнавме овој бизнис, заинтересираноста моментално е се’ поголема и поголема, но во глoбала кажано мислам дека заинтересираноста не е преголема земајќи ги предвид сите бенефиции што можат да се добијат од ваквите хибридни простори.

Во која насока сакате да се развива Вашиот co-working простор?

Како и моментално, така и во иднина наша цел е зголемување на соработките како и со локалните, така и со ИТ компаниите надвор од Македонија. Сме биле во ситуација каде што IT Crowd помогна кон отварање на нови соработки во сферата на Cloud и DevOps, а исто така и во обратен правец, нашата експертиза во ИТ делот помогна кон започнување на нови соработки со надворешни ИТ компании кои сакаат да оформуваат тимови во нашата држава.

Што мислите за работните места од далечина?

Јас како инженер, работам на тој принцип повеќе од 6 години, тој принцип на работа ми помогна многу при развојот на мојата кариера, а со поддршка од локали како што е IT Crowd мислам дека за многу индивидуалци тоа би била добитна комбинација.

Кои се најинтересните профили на фриленсери/компании кои доаѓаат кај Вас?

Индивидуалците се главно девелопери кои работат remote за странски компании, а компаниите со кои имаме соработки се главно ИТ компании, еве неколку од нив: Endava, Keitaro, Ecomwise, Blueshift, MusalaSoft итн.

Како ги “држите” заинтересирани фриленсерите и кои настани ги одржувате кај Вас? Споделете со нас некои интересни примери/настани кои се реализирале или ќе се реализираат во Вашиот co-working простор.

Неколку редовни настани се случуваат на месечно ниво, тоа се главно настани поврзани со ИТ технологии и принципи за работа. Покрај тоа, на дневно ниво имаме пладневен неофицијален собир каде што многу се разговара за технологии, проблеми при работа во секојдневието како начини за справување со таквите проблеми. За ова морам да се заблагодарам на моето 12 годишно искуство како и искуството на кругот на инженери кои редовно го посетуваат IT Crowd. Имаме интерни проекти со кои ги мотивираме младите и идни инженери да ги користат можностите во ИТ светот, може да не’ контактира секој кој е заинтересиран да волонтира на Open Source проекти каде што главно се работат следниве технологии: Python, JavaScript, Terraform, Kubernetes, Docker и други.

Каков ценовен модел користите и која е Вашата политика?

Цените за просторот може да се каже се минимални бидејќи тоа ни овозможува поголема продажба на храната и пијалоците, но главната заработка ни е кога компаниите организираат поголеми настани каде што го користат поголемиот дел од просторот.

Дали соработувате со друг простор како Вашиот, во земјава и во странство?

Засега немаме соработка со други вакви простори.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.