You are currently viewing Маја Атанасоска, позната во дигиталниот свет како percalus design

Маја Атанасоска, позната во дигиталниот свет како percalus design

Постојат повеќе видови на професии, но дефинитивно дизајнерските професии се меѓу најбараните во ИТ индустријата. Без дизајнери, не би постоеле доволно добри апликации кои би ги користеле и корисниците би биле задоволни.

Разговаравме со еден од нашите најуспешни дизајнери. Личност која се труди да го даде максимумот од себе кога станува збор за работа, предмет или личност, која умее и успева да ги измотивира луѓето околу себе да бидат најдобри верзии и да успеат да го постигнат својот потенцијал, не само како почетници дизајнери, туку и како личности. Станува збор за Маја Атанасоска, позната во дигиталниот свет како percalus design.

Во слободно време обожава да готви или да оди на концерти во филхармонија каде целосно се исклучува од надворешниот свет.

Content креатор, UX|UI дизајнер, инфлуенсер, ментор, фриленсер,  се зборовите кои соодвествуваат со твојот кариерен пат. Раскажи ни за твоето работно искуство.

5 години веќе се занимавам со графички и ux/ui дизајн. Се’ почна спонтано… од креирање на дигитални илустрации до моментот каде креирам сопствен курс на македонски јазик за учење вештина UX/UI дизајн како една од најперспективните работни позиции во ИТ. Започнав со волонтер како дизајнер во СП ФИНКИ, каде покасно ја добив првата пракса за дизајн, покасно работев во неколку маркетинг/дизајн агенции, како и работа со македонски и странски клиенти… за на крај да креирам сопствен профил за дизајн и да соработувам со спонзори и креирам сопствен курс за UX/UI дизајн на македонски јазик.

Во дигиталниот свет си позната како percalus design, име кое сега е твој бренд. Од каде дојде до таа идеја?

Уште кога бев средношколец, сакав да имам сопствено алтер-его и препознатливо и уникатно име по кое моите дела (тогаш илустрации кои ги споделував) ќе бидат запомнети. Од бирање на спартјанско име (percalus е име на спартјанска принцеза) за употреба на мојот тогашен tumblr блог (што беше доста популарно во 2012), до момент каде сфаќам дека било каков бренд и да градам, ова е име кое не се заборава.

Како се одлучи да бидеш фриленсер? Според твоето искуство, кои се бенефитите од фриленсерството? Од каде најчесто работиш?

Едноставно потрагата по тоа да бидеш чекор понапред со твојата кариера како и финансиски независен и слободен, ме донесе до мојата фриленс кариера. Предностите се што можеш денот да го искористиш за завршување на приватни работни обврски, да патуваш без да бараш одобрување од работа за слободни денови, да запознаваш различен кадар на клиенти кои ако и само ако се задоволни од твојата работа и однос ќе започнат да те препорачуваат на други клиенти. Но, како што има позитивни страни, така има и негативни, и тоа: останување до покасно да завршиш обврски, секој месец различни клиенти (некогаш повеќе некогаш помалку), не си здравстено осигуран. Најчесто работам од мојот дом, но знам понекогаш да работам и од кафе-бар или додека патувам надвор од Македонија.

Како изгледа твојот процес на изработка на дизајн за клиент? Покрај тоа што имаш големо искуство и си креативна личност, од каде ја црпиш инспирацијата?

Најпрво имам состанок со клиентот каде го запознавам него/неа како личност бидејќи многу ми е битно дали нашиот однос е во ред или не, интуицијата никогаш не лаже. Доколку личноста ми е тешка како карактер, најчесто ја одбивам соработката па дури и да станува збор за одлична сума на пари. Искуството си го прави своето 😊 . Потоа, ја запознавам идејата зад проектот, започнувам со бреинсторминг и истражување, и се впуштам во процесот на дизајнирање. Инспирацијата ја добивам насекаде околу мене. Знам често додека сум излезена да набљудувам дизајни и да се запрашам како би можела да го направам тој дизајн подобро – што и на некој начин ме впушта во игра да се предизвикам себеси и своите вештини.

Сподели со нас некои интересни клиенти за кои си работела и фриленсери кои ти си ги ангажирала да ти помогнат со некои проекти. Веруваме дека постојат одредени предизвици кога работиш за клиент, па, кога ти си во улога на клиент, какви совети би им дала на оние кои ангажираат фриленсери за работа, но и на фриленсерите кои аплицираат за таа работа?

Има доста клиенти кои не би сакала да ги одвојувам од другите и од кои сум прилично задоволна. Сум ангажирала најчесто фриленсери за ux/ui проекти доколку немам време да стигнам со други проекти.

Доколку си фриленсер:

  • слушај ја сопствената интуиција за соработка со клиентот, дали таа е добра или лоша;
  • македонските клиенти се тешки за соработка, па затоа внимавај за кого работиш проект;
  • изгради толку добар маркетинг бренд за себеси, што клиентите сами ќе доаѓаат кај тебе и ќе ја бараат твојата услуга. Социјалните мрежи се одлични платформи за себепромоција.

Доколку сте клиенти:

  • послушајте го фриленсерот што сте го најмиле, бидејќи чим сте го избрале значи треба да имате доверба во него;
  • не поставувајте микроменаџирање и услови, или ,,дишење во врат’’;
  • и ние имаме приватен живот, што значи не се потребни пораки после 19 часот. Почитувајте ги поставените граници.

Пред неколку дена официјално стана достапен и твојот курс за UX|UI дизајн. Кажи ни нешто повеќе за курсот. За кого е наменет, која е цената, што се изучува, дали учесниците ќе имаат поддршка од тебе и практични проекти?

Курсот е достапен на македонски јазик, и тоа се повеќе од 40 снимени видео лекции. Курсот е наменет за почетници во UX/UI светот, и може да го изучува секој, без разлика на нивните години или позадина. Со тоа што е целосно снимен, учесниците може да учат од каде сакаат и кога сакаат во било кое време без да им се врши притисок. Освен тоа, има дискорд група за меѓусебно учење, поставување домашни задачи, поддршка, 1-1 менторирање, како и notion template за следење на нивниот прогрес. Тоа е темплејт да ги мотивирам да учат почесто и да воспостават дисциплина, бидејќи сфатив дека поголем дел од луѓето започнуваат да учат нешто, но не напредуваат повеќе од 3% поради lack of discipline & consistence.

Во курсот се учи фигма, корисничко искуство, кориснички интерфејс, креирање на дизајн системи, креирање на веб и мобилна апликации, а следат и 4 проекти со цел градење на нивното портфолио. Курсот чини 100евра.

Линк за регистрација https://maja-atanasoska-s-school.teachable.com/

Навистина имаш импресивно работно искуство кое може на сите да ни послужи како мотивација и инспирација. Кои се твоите идни планови?

Ти благодарам 😊 Следен план ми е да се усовршам уште повеќе во насока на менторирање, бидејќи сметам дека го поседувам потенцијалот да го извлечам најдоброто од луѓето кои се околу мене… секако, да дипломирам, за да можам целосно да се впуштам во процесот на создавање сопствен бизнис (настрана од курсот)… бидејќи сфатив дека кога 100% се вложувам во една работа, а не правам мултитаскинг, резултатите се далеку подобри.

Сподели со нас нешто што си го научила во текот на овие години и некои совети за сите кои сакаат да работат како фриленсери.

Дека дисциплината не може да ја надмине ниту една мотивација. Мораш постојано да се предизвикуваш себе, да бидеш конзисистентен и упорен во што и да правиш, да даваш вредност на околината бидејќи така се повеќе учиш и напредуваш. Се’ се случува во вистинско време, па затоа не се откажувајте кога е најтешко.

Доколку си почетник како фриленсер, биди трпелив со твоите први клиенти, дади им вредност и стекни ја нивната доверба. Изгради го сопствениот бренд-имиџ за себе и само набљудувај како клиентите ќе доаѓаат кај тебе сами(или преку стариот маркетинг трик word-of-mouth).

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.