Билјана Димитриевска е специјалист за глобален регрутмент на таленти и основач на SkillSpotterZ, платформа за регрутација и огласување на работни позиции, која поврзува квалитетен кадар од различни земји со компании од САД, Канада, Англија и Австралија. Со искуство во светот на човечките ресурси, изградено преку работа за големи брендови во САД, го претвори предизвикот на една глобална пандемија во шанса за стотици млади. Со основањето на SkillSpotterZ, Билјана создаде мост што ги спојува македонските и регионалните таленти со најдобрите компании во светот – и тоа без граници! Низ ова интервју, дознајте како една идеја и многу храброст можат да ја променат не само личната приказна, туку и иднината на една цела заедница.
Дали можеш да ни раскажеш нешто повеќе за визијата зад SkillSpotterZ? Што е тоа што ја прави различна од другите платформи?
SkillSpotterZ има за цел да биде и да остане персонализиранa платформа и управувана од рацето на луѓето поточно од регрутерите а не од вештачката интелегенција или автоматизацијата. Да биде платформа каде што ќе ги промовираме квалитетните фриленсери, виртуелни асистенти, дигитални номади и секакви ремоте работници во нивно најдобро светло и на најхуман можен начин. Затоа што сме фокусирани на човечкиот развој, одбравме да не зависиме од инвеститори. Така ја задржуваме слободата да се развиваме со свое темпо и целосно посветено на нашата мисија.
Најдобар пример би бил UpWork, таму преовладува квантитетот, бројот на профили е огромен и се е автоматизирано, нема регрутери кои се грижат за селекција на профили на компании и профили на фриленсери. Што е исто така многу различно е тоа што SkillSpotterZ е бесплатен за тие што бараат работа, исплата и наплата се врши со нивни услови и надвор од платформата. Дури и можат да си ги поврзат своите социјални медии, веб страни и портфолија на својот профил што овозможува директна комуникација, поголема и побрза достапност до работниците. Зависност од типот на работата и искуството на работниците, нашите регрутери директно објавуваат работни огласи во име на приватни компании и самите регрутери стапуваат во контакт со работниците и ги спојуваат со компаниите.
Како функционира SkillSpotterZ и кој тип на фриленсери најчесто се приклучуваат? Кои се најбараните вештини денес на вашата платформа?
SkillSpotterZ ја направивме да биде едноставна и лесно достапна. Регистрацијата е со емаил адреса, а секој корисник креира профил кој служи како портфолио. Во тој профил може да се прикачат документи, да се напише кратко био и pitch, да се внесе работна историја, и да се поврзат линкови од социјални мрежи или други веб-страни и портфолија. Со еден профил, корисникот може да креира повеќе резимеа, односно различни портфолија, и да аплицира на различни позиции со соодветното портфолио.
На платформата има место за фриленсери од сите индустрии, не само за оние кои бараат краткорочни тезги, туку и за оние кои сакаат подолгорочни, стабилни работни ангажмани со редовно работно време. Токму затоа голем дел од позициите на платформата се со целосно работно време и со специјализирани работни наслови.
Најбараните вештини моментално се во областа на customer service, веб-дизајн, SEO и branding. Но, особено голема е побарувачката од компании кои сфаќаат дека многу улоги можат да се извршуваат целосно на далечина. Затоа гледаме нагло зголемување на интересот за позиции во овие области:
- Sales и Customer Service
- Tech и Development
- Communications и Content
- Специјализирани позиции: Legal Assistant, Real Estate Virtual Assistant, Medical Billing Assistant, Podcast Editor, и E-commerce Specialist.

Што треба да знае еден фриленсер пред да се пријави на SkillSpotterZ? И како им помагате на фриленсерите да се истакнат пред потенцијални клиенти?

Најважното што би сакала секој фриленсер да го знае пред да се приклучи на SkillSpotterZ е дека својот профил треба да го третира како личен бренд. Нема потреба да се чувствува притисок или умор од уште една платформа. Тука не е целта да вложите часови и часови, туку стратешки и паметно да се претставите.
Еве пет нешта што помагаат за истакнување:
- Добро напишано био – размислувајте за ова како за свој краток “pitch” пред клиент. Кој сте, што знаете, и зошто некој да ве ангажира и како?
- Кратка, но директна секција за работно искуство и проекти – наведете ги релевантните ангажмани што покажуваат вашата експертиза.
- Линкови до портфолија, веб-страни, landing страни, социјални мрежи – што повеќе примери, толку подобро.
- Земање на некои од нашите “Skill Assessments” – за да имате верификација на вашите способности.
- Контактирајте не и споделете ја вашата приказна со нас – еднаш месечно избираме фриленсери кои ги претставуваме на нашиот блог и социјални медиуми, со цел да им помогнеме да се промовираат и добијат видливост.
Кога ќе ги имаат овие елементи подготвени, нашиот тим од регрутери почнува активно да работи во позадина. Ги препорачуваме директно на компании и клиенти, додека тие паралелно можете да аплицираат и самостојно на отворените огласи.
Што треба да знаат клиентите и како можат да се регистрираат на платформата за да најдат фриленсери?

Ние ги предупредуваме нашите клиенти дека не нудиме маса од илјадници профили на ремоте таленти, туку токму спротивно. Она што го имаме е 100% спремно, проверено и квалитетно за нивниот проект или работна позиција.
Регистрацијата за клиенти е лесна и брза, со неколку кликови. Сепак, доколку нивниот профил изгледа некомплетно или како потенцијален „red flag“, нашите регрутери веднаш реагираат и стапуваат во контакт со нив.
Често им предлагаме ние да го преземеме пребарувањето и селекцијата, особено ако станува збор за позиции со целосно работно време или големи проекти. А кога се работи за мали и кратки тезги, ги насочуваме како сами најефективно да го користат пребарувањето и да дојдат до најсоодветниот фриленсер.
Што мислиш за развојот на фриленс сцената во Македонија? Според тебе, дали младите во Македонија се доволно информирани и охрабрени да работат како фриленсери?
Во Македонија има огромен потенцијал. Најпрво поради нашата работна етика, интелектуалност и борбеност. Но, ако морам да ја споредам моменталната фриленс сцена со онаа во други земји, би ѝ дала оцена 2 од 10.
Ова главно се должи на недоволна информираност, отсуство на практична едукација, катастрофални услови за платежни решенија, и непостоење на законска регулатива што би го штитела фриленсерот како активен учесник во економијата.
Развојот, сепак, е неизбежен. Големиот бран на ангажирање на глобални таленти што доаѓа од странските пазари, ќе нè зафати и нас. Но, без поддршка од државата и без едукативни иницијативи, тој развој ќе се случува бавно и ќе биде достапен само за мал круг луѓе.
Како можат фриленсерите од мали земји да бидат конкурентни на глобалниот пазар?
Без платформа што активно ги промовира и без законска регулатива што ги штити, фриленсерите од мали земји тешко би го достигнале врвот на глобалниот пазар.
Но, покрај тоа, за еден фриленсер како индивидуа да биде навистина конкурентен клучот е во континуирана едукација, развој на вештини и разбирање на различни култури и глобални трендови. Познавање на јазици, култури, работни навики и односи, регулативи, како и разбирање на специфичен пазар и индустрија, не само во сегашноста, туку и во однос на идниот раст се тие фактори што го прават еден фриленсер навистина конкурентен на глобалниот пазар.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат фриленсерите денес?
Еден од најголемите предизвици е огромната конкурентност и презаситеноста на пазарот. Додека порано можеше со една вештина да работиш во повеќе индустрии, денес тоа е речиси невозможно. Сега се бараат повеќе вештини, но насочени кон една конкретна индустрија.
Мој совет е: “Master one industry at a time.”
Како да се гради личен бренд како фриленсер?
Од персонализиран website или landing page, преку професионален профил на социјален медиум, па сè до пишување и споделување на својата експертиза, се клучните алатки за градење личен бренд.
Фриленсерите од веќе развиените земји одамна го применуваат овој пристап и се претставуваат со автентичност, споделуваат вредност и ги информираат и клиентите и публиката што може да учи од нив.
Сè треба да биде во свои граници, без копирање, и со споделување вистинити информации. Тоа е рецептот за доверба и долгорочна препознатливост.
Што те мотивира лично тебе да продолжуваш да го развиваш SkillSpotterz и да работиш со фриленсери? И какви ти се идните планови за развој на платформата?
Мојата најголема мотивација е вербата дека преку SkillSpotterZ можеме да започнеме нова ера на работа од далечина и фриленс работа во Македонија. Веќе не мора сите приказни за успех да започнуваат со иселување. Со помош на фриленсерите сакаме да испишеме ново поглавје, односно онаму каде што младите ќе можат да работат фер, стабилно и од дома, без да бараат шанси надвор од државата. Токму тоа е и визијата за идниот развој на платформата. Да отвориме врати за луѓето во економски послабо развиените земји и да создадеме безгранична работна средина. SkillSpotterZ треба да биде извор на можности, поддршка и едукација за секој што сака да почне или да се подобри во дигиталниот свет на работа од далечина.
SkillSpotterZ платформата можете да ја најдете на следниот линк https://skillspotterz.com/ .