You are currently viewing Со знаење, храброст, упорност и среќа може да се добие работа како фриленс костимограф

Со знаење, храброст, упорност и среќа може да се добие работа како фриленс костимограф

Медина Хоџа е дипломиран моден дизајнер, со специјализација и магистратура во истата област. Таа веќе 7 години професионално се занимава со костимографија што придонесе паралелно да се вработи како професор во средно училиште и на факултет каде што ги предава предметите поврзани со текстил и мода.

Здраво Медина. Имаш искуство како фриленс костимограф. Дали може да ни кажеш повеќе за твојата професија и нешто повеќе за тебе?

Мојата приказна започна за време на студентските денови. Студирав моден дизајн бидејќи немаше насока за костимографија. Почнав со волонтирање и асистирање во Национална Опера и Балет за време на студентските денови. Додека бев на магистерски студии, бев демонстратор на универзитетот каде што студирав. Дополнително, моите вештини ги надоградив и со Академија за 3D моделирање, видео продукција и пост-продукција во SEDC, која ми помогна и се уште ми помага во мојата работа.

Низ годините имам соработки како фриленс костимограф со разни театри во нашата земја, како и неколку краткометражни и долгометражни филмови и серии поддржани од Агенција за филм и националните телевизии. Работам и како сценограф, дизајнер на специјални ефекти како и дизајнер на плакати за претстави.

Сценографија и костимографија за претставата „Страст и алчност“. Ⓒ Тетовски театар

Освен костимографија, голема љубов ми е и сликарството/илустрацијата. За време на факултетските денови научив да цртам дигитално, а веќе бев запознаена со традиционално сликарство. Тоа придонесе да работам и како фриленс илустратор, а омилена работата ми се  илустрациите за деца, односно сликовниците. Омилен проект од оваа област ми е  „Toto and the fear“, приказна за мали и големи, која може да се најде во сите продажни места на Literatura. 

  1. Опера за три гроша- дизајнер на плакат, Тетовски театар
  2. В море – дизајн на плакат, Кумановски театар
  3. Венецијанскиот трговец- дизајн на плакат, Театар Андон Зако Чајупи, Корча

Како се одлучи за оваа професија, кои алатки и знаење ти беа потребни за да започнеш со работа како фриленс костимограф? Како успеа да се пробиеш на пазарот?

Љубовта кон уметноста ја имам од кога знам за себе. Уште во основно училиште бев определена да го следам мојот сон како моден дизајнер и костимограф, па со годините се пронајдов повеќе во театарот него во модниот свет. Неизбежно е познавањето на костимот низ историјата, што се добива со многу истражување во таа област, познавањето на ткаенините и различните занаети за креирање на еден костим. Освен работата што бара тронка талент, најбитното е да си снаодлив, упорен, и голем работник. Костимографијата е специфична работа која бара многу дисциплина и знаење.

Пробивањето на овој пазар кај нас за жал е тежок процес, а работата се добива исто како и секаде, со труд и препораки од колегите. Театрите не се во голем број, па затоа и е потешко да се најде работа, а реално, понекогаш ти треба и тронка „среќа“ за да работиш на некој добар и голем проект.

Костимографија за „Балкан Балкон“, ⓒ Албански театар, Скопје

Костимографијата е индустрија со своја убавина и бара да ги гледаме работите од различен агол. Кои трендови сметаш дека ќе се појават во иднина?

Од гледна точка на моден дизајнер, гледам дека имаме патување низ времето преку модата. Инспирации се црпат од hippie движењето па наваму. Еден „тренд“ што сакам да остане долго е одржливата мода. Со новите технологии се надевам дека ова може да стане реалност. Fast fashion индустријата е реално голем проблем моментално, а би станало полошо доколку не се превземат мерки. Тука доаѓаме и самите ние како индивидуи, со намалување на купување ваква облека, би ги намалиле шансите да се случи една еколошка катастрофа. 

Рециклирањето и надоградбата (upcycle) се во тренд, кој исто така го користам при креирањето на костимите, за да се избегнe големиот отпад од неискористени ткаенини и парчиња облека.

Колекција FUKINSEI

Кој е твојот совет за сите кои сакаат да станат фриленс костимографи?

Оваа професија бара многу посветеност и заложба. Како и во секоја насока во уметноста и во костимографијата е потребен талент, но талентот сам по себе нема да ве одведе далеку, потребна е работа и дисциплина.

Костимографијата бара да сме во тек со светските случувања секој ден, тоа не значи дека треба да следиме само модни трендови. Преку костим, може да се раскаже една цела приказна, затоа и облеката низ историјата одредува статус во општеството и е моќна да пренесе порака до одредената таргет група.

За крај би додала дека повеќето од работите се учат на лице место, на работа. Не постои училиште или професор кој ќе ти ги даде сите знаења на тацна. Секој проект е ново четиво за нас…

Доколку сакате да научите како да станете најдобро рангиран фриленсер на Upwork, прочитајте го следниот блог пост Како да станете Top Rated фриленсер на Upwork

Viktorija Andonova

Викторија Андонова е асистент за комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. Таа верува дека секој може да го постигне тоа што ќе го намисли и верува дека секој е способен за го надмине секој предизвик, колку и тоа да изгледа невозможно.