You are currently viewing Гемификацијата на корпоративните обуки со помош на фриленсери?

Гемификацијата на корпоративните обуки со помош на фриленсери?

1. Како личност со позадина во ИТ, што те натера да погледнеш подлабоко во проблематиката на HR сферата? Потоа како се зачна идејата за создавање на платформа за гемифицирање на корпоративни обуки? 

Како тим со мојот коосновач Александар доаѓаме од Артистика – креативна дигитална агенција и негов прв претприемачки успех. Повеќе од 6 години функциониравме во тандем. Заедно осмислувавме и имплементиравме различни дигитални решенија (системи, веб и мобилни апликации) за интернационални клиенти од најразлични индустрии.

Всушност, преку реализацијата на серија проекти за дигитализација на корпоративни обуки за големи компании преку Артистика, ги воочивме проблемите во индустријата. Дека со моменталните практики на учење, многу брзо по обуките кај вработените се креираат празнини во знаењата. Врз нив менаџментот нема никаков увид, а предизвикуваат сериозни проблеми за перформансите на компанијата во повеќе сегменти, особено во продажбата. Увидовме дека решенијата достапни на пазарот не се доволно ефикасни и тука се формираше идејата за Coach.

За читателите на кои ова им е прво сретнување со она што го правиме – Coach e гемифицирана алатка за поефикасни корпоративни обуки. Луѓето со кои сме во комуникација често го разбираат Coach како“Duolingo за корпоративни обуки”.

2. Konceptiva и Coach платформата забележаа голем успех во годините на пандемијата, меѓу кои и добивање на признание за стартап на месецот на почеток на 2022 но, и многу значителна инвестиција од 100.000 евра. Кои се следните чекори за Konceptiva?

Иако работиме повеќе од 2 години на оваа идеја, најголемиот дел од тоа беше ‘зад завесите’. Сметаме дека со вакви решенија наменети за големи компании потребно е од самиот старт продуктот да биде изработен на високо ниво и со широк сет на функционалности. При крајот на 2021-ва, како што станувавме сè поблиску до остварување на нашата визија за продуктот, решивме да направиме еден исчекор кон јавноста. Да ја раскажеме нашата приказна и да го претставиме Coach, што навистина ги помести работите во правилната насока.

Инвестицијата и поддршката од ХФактор е значаен чекор за нас и ја насочуваме кон зајакнување на тимот во областите на маркетинг и програмирање. Како и кон пласирање на Coach на пазарот и засилување на продажните активности.

Следни важни чекори за нас се: да добиеме фидбек и валидација од страна на корисниците, да изготвиме case studies поткрепени со солидни резултати и потоа да настапиме на глобалниот пазар. Паралелно со тие активности, повторно ‘зад завесите’ развиваме нови, револуционерни алатки со помош на вештачка интелигенција – но, за тоа повеќе во следна прилика. 🙂

3. Во твојот говор на Founders’ Night – Од фриленсери до ко-основачи, напомена дека моментално тимот на Konceptiva се проширува давајќи можност за домашните фриленсери да ја понудат нивната експертиза на стартапите. Зошто сметаш дека ова е добра прилика и за двете страни? Какви профили на луѓе барате?

Сметам дека да се биде фриленсер не е лесна работа. Да се биде успешен во тоа поле подразбира (или можеби поттикнува) развој на многу различни вештини. 

Фриленсерот мора да биде одличен комуникатор. Да има продажни вештини за да може да се позиционира подобро во споредба со конкурентите. Да понуди квалитет во тоа што го работи, да биде одговорен и исполнителен за да задржи одличен рејтинг на платформата. Успешно да го испланира времето и да ги организира проектите. Треба да знае како да ги изменаџира барањата на клиентот (дури и оние кои се невозможни да се исполнат). Сè тоа најчесто го прави на друг јазик, а не на мајчиниот. 

Сите овие вештини се многу корисни во стартап светот. Од страната на фриленсерите. Сметам дека динамичноста, самостојноста и флексибилноста која би ја добиле ако станат дел од еден стартап одлично одговара со стилот на живот и работа на која се имаат навикнато. 

Во моментов имаме потреба од: frontend и fullstack програмери (React + Java Spring) и креатори на 2D игри (Unity). Но, ги поттикнувам и фриленсерите кои не спаѓаат во овие профили а имаат желба да соработуваме – слободно да нè исконтактираат.

Повеќе детали за отворените позиции можат да се прочитаат на: https://www.konceptiva.com/careers

Серијата на настани – Founders Nights организирани од страна на Импакт Фондација и Startup Macedonia а, поддржани од RECONOMY се настани каде основачите на стартапи ќе го претстават својот бизнис пред публиката и ќе ги инспирираат фриленсерите да развијат сопствен бизнис. Целта е фриленсерите да се приклучат како ко-основачи или членови во тимот на стартапите.

Filip Dzhambazoski

Филип Џамбазоски е асистент за маркетинг и комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. За него ,, Познавањето на сопствената страст помага и на другите да ја пронајдат својата“ што е во директна корелација со начинот на кој треба да ги обликуваме денешните лидери во идни донесувачи на одлуки.