You are currently viewing Работата како фриленсер ми помогна во менаџирањето на мојот бизнис

Работата како фриленсер ми помогна во менаџирањето на мојот бизнис

1.Твојот влез во дигиталниот маркетинг започнува одамна. Со кои зборови би се опишала себеси тогаш, а со кои сега? Како искуството во создавање на Monday брендот преку ко-основање на Monday Learning и Monday Digital Agency влијаеше врз твојот развој?

Во суштина и тогаш и денес можам да се опишам со истите зборови. Прилагодливост и истрајност. Со текот на годините и работата со различни организации и компании сфатив колку професиите се мултидисциплинарни и дека не може целосно да се изолира една од друга индустрија. Согледувајќи го тоа, од самиот почеток на кариерата прифаќам предизвици, континуирано учам нови вештини и се прилагодувам кон она што се бара на пазарот на труд.

Кога започнавме со Monday не бевме свесни колку можности ќе се отворат пред нас. На почетокот имавме само една цел, а тоа е да ја направиме најдобрата работа што може и да донесеме најдобри резултати за нашите клиенти. Веќе во третиот месец од отворањето на фирмата имавме минимум по една препорака од секој клиент. Од друга страна пак, одлуката дали да започнеме со Monday Learning во време на толку многу едукативни центри беше уште попредизвикувачка. Monday Learning првично беше планиран како side проект кој ќе биде канал преку кој ќе ни доаѓаат нови клиенти. Големиот интерес од индивидуалци кои сакаат да се запишат на програмите го дефинираше бизнис моделот во сосема друга насока.

Создавањето на овие два бизнис модели, секој нов клиент, секој нов проект, предизвик и успешно завршен таск – континуирано придонесуваа во насока на мојот професионален развој.

2. На твојот говор на Founders Nights – Oд фриленсери до ко-основачи ја нагласи доблеста на истрајност како клучен фактор во успевање во стартап светот со што ги поттикна фриленсерите да започнат да размислуваат со свој бизнис. Дали во минатото си работела како фриленсер? Дали сметаш дека фриленсерите имаат предност во основање на стартап? Зошто?

Kако фриленсер работев уште од прва година на факултет. Работев part-time во невладини организации и пишував текстови за различни блогови. Подоцна стекнав и напредни вештини од дигитален маркетинг кои одлично се поврзаа со тоа што веќе го знаев. Ми помогнаа да изберам што сакам да работам во иднина и повеќе да го вреднувам мојот труд. 

Пред да започнеме со Monday, и покрај тоа што неколку години претходно работев дигитален маркетинг во различни компании, паралелно работев и фриленс. Си доаѓав од работа и продолжував да работам на некој проект кој стигнал до мене. Работењето како фриленсер ми помогна да создадам автономност во работата, полесно да носам одлуки и самостојно да преземам иницијативи. Овие работи ми беа најголема предност при започнувањето на бизнисот. 

3. На истоимениот настан напомена дека Monday моментално го зголемува тимот. Какви профили на луѓе барате? За сите заинтересирани, како би го опишала твојот лидерски стил во компанијата? 

Моментално бараме ментори за тренинг програмите за графички дизајн и дигитален маркетинг во Monday Learning. Потребни ни се профили кои имаат напредни дигитални вештини и искуство со неформална едукација. Но, секогаш сме отворени и за почетници кои сакаат да се стекнат со практикантско искуство како дел од некој проект на Monday. 

Во однос на другиот дел од прашањето: Не верувам во автократско лидерство. Сметам дека вработените треба да имаат целосна автономија над работата, особено во креативните индустрии. Нашите вработени и фриленсери со кои соработуваме, имаат слобода за извршување на задачите на свој начин со минимални насоки и надзор. Ги имаме само најнеопходните состаноци и гледаме да нема микроменаџмент над работата. Верувам дека успехот на една фирма најмногу зависи од слободата секој да го изрази својот креативен потенцијал. Онака како што смета дека најдобро му одговара.  

Filip Dzhambazoski

Филип Џамбазоски е асистент за маркетинг и комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. За него ,, Познавањето на сопствената страст помага и на другите да ја пронајдат својата“ што е во директна корелација со начинот на кој треба да ги обликуваме денешните лидери во идни донесувачи на одлуки.