Секој човек има различни животни предизвици, различна животна приказна. Во овој блог пост споделуваме приказна на девојка која го избрала фриленсингот како единствен кариерен пат.
Од здравствени причини, од мојата 12-та година во системот и во општеството се водам како лице со хронично заболување или лице од ранлива категорија. Во тој период, единствено нешто што ме мотивираше е мислата дека морам да бидам успешна за да надоместам за се што ми се случуваше. Успехот има различна дефиниција за секоја личност. За мене е контрола врз мојот живот, независност, слобода и можности да си овозможам живот со многу искуства, промени, нови вештини, патувања и шанси да придонесам за општеството во кое живеам.
Знаев дека ова можам да го постигнам само ако сум сама одговорна за моите приходи и ако не зависам од работа која е од 8-16h, без простор за флексибилност.
Во текот на годините, сфатив дека ова ќе биде доста тежок пат со многу предрасуди од општество каде се уште се вреднува традиционалниот начин на работење. Водена од желбата да оставам некој импакт во средината во која живеам и да помогнам и на други кои се соочуваат со слични животни предизвици, а притоа да не ја загрозам мојата стабилност и иднина, создадов работна средина која на мене ми одговара. Последните 5 години комплетно се посветив на искористување на сите можности да имам флексибилно работно време и повисоки приходи од една просечна плата.
Денес, се повеќе фриленсингот станува популарен кариерен пат за многу лица, посебно за оние кои се сметаат како ранливи катергории.
Соочена со доста сожалување и приморна да прикријам голем дел од мојата здравствена историја со цел да не бидам дискриминирана, комплетно се одлучив да се посветам на фриленсерски начин на живот. Вложив во себе и научив многу нови вештини за кои претходно не знаев дека постојат. Една од најдобрите одлуките што сум ги донела е тоа што аплицирав за стипендија за академија за дигитален маркетинг. Навистина сум благодарна за шансата која ми ја овозможи програмата RECONOMY заедно со Sida, Helvetas, Impact Foundation и Сеавус Едукативен Центар. Со овој курс стекнав вештина која е една од најбараните професии и станав компетентна на пазарот на труд. Со фриленсингот при аплицирање за работа или проект се вреднува моето искуство и знаење, а не мојата здравствена историја. Моментално, единствен проблем е тоа што не можам да си ги плаќам придонесите и да ми тече работен стаж.
Иако често се соочувам со чувство на страв од непознати работи и големата конкуренција на пазарот на труд, желбата да си овозможам живот каков што јас заслужувам е поголема и секогаш ме мотивира да ги искористам сите можности кои ми се нудат.
Сепак, кога сакаш да боиш надвор од линиите, како да се пронајдеш во монотона традиционална работа од 8-16h?
RECONOMY е регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Импакт Фондација и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.
Во рамките на RECONOMY програмата, Импакт Фондација поддржува развој на курсеви за фриленсинг со цел да ги поттикне сите оние кои сакаат независно да заработуваат и да им ја зголеми самодовербата за да можат да се истакнат над конкуренцијата пред да почнат со аплицирање за работа во странски или домашни компании.