You are currently viewing Курсот за фриленсинг низ призма на Горјан Стојановски

Курсот за фриленсинг низ призма на Горјан Стојановски

Горјан Стојановски е инструктор во Институт за дизајн и технологија – ИДТ Скопје. Разговаравме со него за неговото искуство во предавање на курсот за фриленсинг.

Претставете се

Јас сум Горјан Стојановски, консултант за дигитален маркетинг и раст на мали и средни претпријатија. До пред неколку години бев сопственик и ко-основач на една од најголемите екомерц продавници во државата која успеа да се прошири и во соседните Р. Бугарија и Р. Србија. По шест години работење ја продадовме компанијата и од тогаш работам на фриленс проекти.

Како изгледа еден типичен час на курсот за фриленсинг?

Во нашата специјално дизајнирана програма за Freelancing (Be Free, Be a Freelancer) која што ја развивме со помош на Impact Foundation, како дел од програмата Reconomy на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation, часовите ги поделивме во три фази.

Во првата фаза се воведните часови каде менторот ги запознава учесниците со основите на freelancing-от споделувајќи негови лични примери и искуства. Оваа фаза е и најкратка, но доста знајачна со цел учесниците да сфатат кои се позитивни и негативни страни на фриленсингот како професија, кога е најдобро да се започне, како да се започне итн.

Во втората фаза, покрај класините предавања со практични примери, студентите започнуваат со истражување и примена. Се запознаваат со разните платформи и алатки кои ќе ги користат за наоѓање на работа, проектен менаџмент, финансии и наплата и многу други работи кои ќе им користат во секојдневното работење.

Третата и последна фаза се состои од индивидуални менторски сесии (еден – на – еден) на кои студентот добива конкретни совети и упатства за неговата конкретна ситуација и чекори за понатамошно работење на избраната платформа.

Колку долго траат часовите и што можат студентите да научат на овој курс?

Програмата е составена од 30 часа настава во група и 30 часа индивидуални менторски сесии. Динамиката на предавања се одвива два пати неделно, во нашиот случај тоа се термините: петок (19:30 – 21:45) и сабота (12:30 – 15:00).

Дефинитивно ова е програма на којашто можат да се добијат сите потребни информации за секој кој се двоуми или посакува да започне со freelancing. Од запознавање со професијата, пазарот, начинот на менаџирање на клиенти, па се до начинот на барање работа, користење на платформи или препораки, подготовка на презантација и pitching пред клиент, преговарање, ценовна политика и стратегија, наплата итн. Една сеопфатна програма којашто покрај практчни искуства овозможува и директно запознавање со најактуалните платформи за freelance, сетирање на профил и лично советување за начинот на нивно користење и развивање.

Кое прашање најчесто го добивате од студентите и кој е вашиот одговор?

Поради големиот број на студенти кои се на различни возрасти и кариерни определувања, прашањата се разликуваат и не може да се издвои најчесто поставувано прашање. Но, како две најпопуларни теми може да ги издвоиме темата околу наплата и оданочување кога работиме со клиенти од странство, како и прашањата за каде најлесно може да се најдат квалитетни клиенти.

Како може заинтересираните да се пријават за да бидат дел од курсот за фриленсинг?

Курсот е поставен на веб страната на тренинг провајдерот – Школата за дизајн, уметност и технологија „Скала“ (Џолев и уметностите) https://djolevandthearts.edu.mk/kursevi/be-free-be-a-freelancer/ и веб страната на Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје https://idt.mk/2022/01/14/programa-za-frilenseri/. Преку пријавата прикачена на објавата, како и телефонските броеви за контакт сите заинтересирани лица можат да дојдат до подетални информации.

Поразговаравме со Долорес Соколова и Филип Каркалашев, студенти во ИДТ Скопје за начинот на кој овој курс им помогна во градење на нивната фриленс кариера

“Курсот за фриленсинг како што и очекував ми помогна во најважниот и најтешкиот дел за секој фриленсер- самиот почеток.

Бидејќи не само што учиш од нечие долгогодишно искуство, (дојдов до многу информации кои воопшто не ги размислував претходно..) паралелно започнуваш со твојата кариера со максимална поддршка и помош од менторот, околу комуникација со клиент, начин на бирање на клиенти и проекти кои би ви биле најсоодветни.. до сите можности и начини на наплата.

Преку оваа обука добив апсолутно знаење, самодоверба и успешни проекти како резултат.” – ни сподели Долорес Соколова, студент на курсот за фриленсинг во ИДТ Скопје.

„Пред да се одлучам да го посетувам курсот по Freelancing бев запознаен за тоа колку бенефити нуди фриленсингот и тоа како може добро да се комбинира со работа која се работи со целосно работно време, како за дополнителен приход, така и за надоградување на вештините. Се запишав на курсот со некои основни информации за фриленсинги и немав некои огромни очекувања. Сепак менторот, барем мене како индивидуа ме убеди дека може и тоа како добро да се заработи и напредне со фриленсинг. Иако е огромно поле и секојдневно се учат нови работи на курсот со брза и адаптирана програма е запознавме со основите како да се контактира потенцијален клиент, платформи на кои се бара работа, средување портфолио, итн. Со овие основни работи кои ги научив на курсот мислам дека во блиска иднина би можел успешно да работам како фриленсер и да нудам сервиси и услуги од тоа што го работам професионално. “ – ни сподели Филип Каркалашев, студент на курсот за фриленсинг во ИДТ Скопје.

Доколку сте на прагот на вашата фриленсерска кариера, прочитајте го следниот блог пост Moeто искуство и совети за Upwork. Како до успешно станување фриленсер на оваа платформа?

Viktorija Andonova

Викторија Андонова е асистент за комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. Таа верува дека секој може да го постигне тоа што ќе го намисли и верува дека секој е способен за го надмине секој предизвик, колку и тоа да изгледа невозможно.