You are currently viewing Фриленсинг и мајчинство: Од бродски фотограф до фриленс новинар

Фриленсинг и мајчинство: Од бродски фотограф до фриленс новинар

Ивана Јариќ Соуса Роша, дипломиран новинар, работела како фотограф на бродови. Сега, додека учи дигитален маркетинг во Семос, работи како фриленс новинар за ЦрноБело, додека ужива во највозбудливот дел од својот живот, мајчинството.

Сподели ни нешто за себе и твоето работно искуство.

Јас по професија сум дипломиран новинар, но во 2014 година започнав бродска кариера, и работев како фотограф на брод се до март годинава. Бидејќи сопругот е Бразилец, одлучивме нашиот дом да го изградиме во Индаиатуба, мал град во внатрешноста на Сао Пауло.

За време на пандемијата, кога сите крузери беа закотвени, а јас во Бразил, во нов, непознат град, видов оглас за вработување на новинар во ЦрноБело. Така почна мојата соработка со нив, базирана на фриленс. Имав број на теми и интервјуа кои морав да ги напишам месечно, но без фиксно работно време и без некои строги deadlines.

Како што почнаа полека да се ослободуваат стегите од пандемијата и бродовите се вратија на море, и јас се вратив на старото работно место, како фотограф. Но, продолжив да пишувам за моите бродски авантури.

За Академијата за дигитален маркетинг се одлучив да се запишам бидејќи сега кога сум на копно, знаев дека со новинарската диплома нема да успеам да најдам добро работно место во Бразил. Иако го обожавам новинарството и пишувањето, сепак морав да мислам на мојата идна кариера.

Затоа, решив да го спојам претходното новинарско искуство со нови вештини од дигиталниот маркетинг како професија на иднината и да почнам да се дообразувам во сферата на content marketing и copywriting. И тоа е една од подобрите одлуки кои ги имам донесено во последно време во поглед на мојата кариера. Курсот сè уште трае, едно-годишен, па засега само работам како новинар за ЦрноБело и интензивно учам и подготвувам портфолио за следната етапа по завршувањето на Академијата на Семос.

Зошто одлучи да станеш фриленсер? Колку долго си фриленсер?

Патувањата секогаш ми биле пасија, па затоа секогаш бев во движење, ретко знаев да се задржам на едно место. Сега, кога почнувам да го градам својот живот на копно после скоро десет години на море, фриленсот е ми единствен начин на заработка. Сè уште не го владеам португалскиот јазик 100% за да можам да барам работа во нашиот град, па успевам од дома да работам во слободно време додека се посветувам на курсот. Прв пат почнав фриленс да работам во 2013 година и секогаш во областа на новинарството. Комбинацијата на нова држава, нова култура, со градење на кариера за мене значеше дека мора да барам одберам поле кое ќе ми даде можност за работа од дома. Јас сè уште го откривам бразилскиот начин на функционирање и живеење, па затоа фриленсот ми е добредојден.

Кое е твоето прво фриленс искуство?

Во 2013 почнаа вртоглаво да растат сајтовите за вести, патувања и лајфстајл. Па така, јас почнав да пишувам за два американски сајта, едниот беше за дом и уредување, а другиот за патувања. Исто така работев и во македонска новинска агенција, па како тазе новинар ми беше одлично. Го усовршував новинарскиот занает во македонски медиум, а заработував екстра работејќи навечер од дома.

По кратко време сфатив дека подобро заработувам пишувајќи за странски сајтови отколку за македонските, па дадов отказ и продолжив само со пишување на различни теми за повеќе сајтови. Тогаш нè плаќаа по напишана содржина, па колку повеќе пишував толку подобро бев платена.

Кои се предностите и недостатоците на работењето како фриленсер? Како ти влијае фриленсингот како кариера врз секојдневниот живот?

Најголемата предност за мене е што јас сама си го одредувам работното време и не губам додатно време за патувања. Како странец во нова држава, сосема различна од мојата и од она на кое сум навикната, можноста да работам од удобноста на својот дом е бесценета.

Не сум ранобудник, па можноста да работам кога сум одморена, ме мотивира многу повеќе, откога имав строг распоред и фиксно време. Се чувствувам многу порекасира и поподготевна за секој работен предизвик.

Недостаток, понекогаш сум осамена, ми недостигаа тоа кафенце и муабет со колешките!

Како новинар продолжувам да пишувам, се договараме за теми и идеи со уредникот од ЦрноБело, така тоа е одличен начин на соработка и покрај временската и географската разлика.

Во поглед на дигитален маркетинг, за сега работам на networking, истражување на пазарот, имам закажано некои интервјуа, но најмногу сум посветена на совладување на материјалот, завршување на проектите и подготовка на моето портфолио. Тоа ми е стратегија за добро пласирање на пазарот на трудот по завршувањето на Академијата. За моја среќа, има многу опции за remote working во полето на дигитален маркетинг.

Како си го организираш денот како фриленсер?

Немам некоја фиксна организација, бидејќи сум при крајот на мојата бременост, па секој ден ми е нова авантура. Освен предавањата, кои се два пати неделно, секоја друга обврска, учење или изработка на интервју или тема за ЦрноБело зависни од расположението во моментот. Бременоста и фриленост ми се добитна комбинација, посебно како прв пат мајка кога се ми е непознато, ново и често мора да си дремнам. Ми се случило да пишувам цела ноќ, момент на инспирација, а да го преспијам денот, или пак да станам рано наутро и да учам! Тоа е најголемата предност од можност сам да го организираш своето работно време.

Каков совет би им дала на жените кои сакаат да станат фриленсери?

Да бидат упорни и истрајни! Не е лесно да се почне, да се најде совршеното работно место или пак доволен број на клиенти, сепак зависи од изборот на кариера. Пазарот на трудот е конкурентен, но има многу опции, треба само да го пронајдат тоа што најдобро функционира за нив. За мене, слободата која ја имам, да сум шеф на своето време е најголемата придобивка и не можам да се замислам во канцеларија од 9 до 17. За жените кои сакаат паралелно да градат семејство и кариера, фриленсот или можноста за работење од дома е одличен начин да се завршат сите обврски, работни и домашни, и да остане квалитетно време за посвета на најмилите.

Извор: https://workingmom.mk/rabotenjeto-frilens-kako-spas-vo-bremenosta/

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.