You are currently viewing Верувам во личното подобрување, и 1% е голема промена – Давид Стефаноски

Верувам во личното подобрување, и 1% е голема промена – Давид Стефаноски

1. Во 2011 година започнуваш со фриленсинг како начин на ,,самовработување”. Кажи ни, што те привлече да го продадеш твојот труд на меѓународниот пазар? Денеска си експерт во областите copywriting и content writing & marketing, но со која област ја започна твојата фриленс кариера?

На почеток, како и многу други, барав само начин да заработам подобро. Тоа ме привлече да се зачленам на неколку фриленс платформи и да ги испратам првите апликации за работа. Започнав со content writing, поконкретно, десет текста за бременост, тема што воопшто не ми беше блиска како 18 годишно момче. Тогаш сфатив дека content writing е приспособување на својот ментален склоп кон задачата преку ставање во туѓи чизми, и го зедов пишувањето како своја професија, преминувајќи на текстови за мебел, академски текстови, и разни блогови.

Во 2013, преминав на пишување со SEO (Search Engine Optimization). Што во најбрутални термини, ги диктира ранговите на сајтовите на пребарувачи како Google – кој оди на прва, кој на втора страна, итн. Како што може да замислите, тука почнав да учам уште многу SEO и content marketing преку практична работа и на различни нивоа на процесот. 

2. Многумина мислат дека лесно се совладува copywriting гранката на дигиталниот маркетинг. Веруваме дека тоа не е така едноставно. Можеш ли да ни објасниш зашто оваа наука е комплексна со голема побарувачка за експерти? Дали секој може да работи како copywriter?

Дека е лесно да си copywriter можат да тврдат само лица кои не работеле copywriting. Oваа вештина е многу напредна маркетинг форма на content writing. Што и самото е цела една професија, и затоа во мојата фирма само најдобрите content writers стануваат copywriters. Copywriting е комплексно затоа што никогаш не знаеш кој е од другата страна на екранот. Тебе ти е работа да им продадеш. Затоа, треба да замислиш текст кој ќе убеди што поголем процент од публиката да купи – што е неверојатно тешко.

Како по формула, најуспешните copywriters се најчесто луѓе што користат цврсти и докажани процеси при создавање на својот материјал. Тоа темелно истражување на темата со цел комплетно да се запознаат со неа. Потоа темелно истражување на публиката и нејзините проблеми што ја наведуваат да го побара овој продукт. Конечно формирање на решението на тие проблеми во еден кохезивен маркетинг текст што ќе резонира со секој член на публиката и ќе го натера да купи. Што поголем број луѓе купат благодарение на copywriter, тоа поскапо може да си ги наплаќа услугите.

Баш ради тоа и не може секој да работи како copywriter. Треба одлично познавање на продуктот. Уште подобро познавање на процесот на продажба. Совршено манипулирање со јазикот на кој се пишува, како и неограничена емпатија со публиката која чита. Секогаш кога е во прашање трансакција, квалитетот на текстот кој е објавен треба да е беспрекорен за да ја постигне својата улога. Мислам дека многу луѓе потценуваат што всушност значи совршенство. No typos, no off-beat jokes, no rhythm loss, no focus loss.

3. Денеска си основач на @Ridarec Content&Media компанија која се специјализира во комерцијално пишување. Кажи ни нешто повеќе за одлуката да отвориш своја компанија? Дали мрежата на клиенти од твоите фриленсерски денови е се уште присутна и во работењето на компанијата?

Секако, многу од моите лични клиенти сè  уште работат со нас. Нема причина да престанат – не добиле лош материјал!

Ридарек се случи како резултат на скоро една цела декада во комерцијално пишување во која увидов дека во Република Северна Македонија има еден цел слој на потенцијални писатели, а на интернетот вечна потреба од нив. Решението да ја отворам фирмата го направив после долгогодишно планирање, во една недела – само се чекаше совршениот момент. Денес, Ридарек соработува со над 40 писатели и уредници и секојдневно ги унапредува нивните вештини преку активен тренинг при работа. Тој тренинг е мојот прв приоритет, бидејќи верувам дека дури и со 1% подобрување на ден, се постигнуваат драстични резултати на среден и долг рок, не само за нас туку и за content writing како професија во државава.

Особено сум горд на мојата уредничка и сениорска екипа која се покажа способна да се справи и со најтешките предизвици на меѓународниот пазар и да постигне greenshooting резултати за клиентите, нешто што може да се постигне само со силна професионализација во една индустрија. Ридарек ќе продолжи да обучува и да вработува нови писатели и уредници затоа што гледаме светла и профитабилна иднина во интернет сервисната индустрија во Македонија.

Давид е дел од мрежата на ментори кои ќе ги предводат идните фриленсери во Република Северна Македонија. Преку неговата експертиза фриленсерите ќе имаат прилика да се здобијат со мноштво вештини кои ќе резултираат со активно зголемување на фриленс заедницата и зголемена заработка.

Доколку сакате да научите за Copywriting од Давид и да станете успешен фриленсер пријавете се на следниот ЛИНК

Оваа активност е поддржана од RECONOMY програмата.

RECONOMY е регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Импакт Фондација и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.

Filip Dzhambazoski

Филип Џамбазоски е асистент за маркетинг и комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. За него ,, Познавањето на сопствената страст помага и на другите да ја пронајдат својата“ што е во директна корелација со начинот на кој треба да ги обликуваме денешните лидери во идни донесувачи на одлуки.