You are currently viewing „Дизајн на облека во 3D” со Јасмина од VM3D-fashion design

„Дизајн на облека во 3D” со Јасмина од VM3D-fashion design

VM3D е сектор во склоп на текстилната компанија Вера Монд кој произлезе од дигитална трансформација која компанијата ја спроведе 2020/2021година, a компанијата датира од 1997 година. Покрај основната дејност VM3D организира обуки за сите кои сакаат да научат да дизајнираат облека во 3D на компјутер се со цел да се постигне унапредување на вештините кај учесниците во модната индустрија и да се создаде основа за дигитална трансформација на целиот сектор како основа за раст и развој на текстилната идустрија.

Поразговаравме со Јасмина Чанева Лазовска, која е носител на активностите во компанијата VM3D и целиот овој проект.

Здраво Јасмина, може ли накратко да ни кажете што се изучува на обуката „Дизајн на облека во 3D“?

Дизајн на облека во 3Д претставува визуелизација на моден производ преку развој на шаблон во 2Д, симулација на производство, симулација на ткаенина и можност креираниот модел електронски да се сподели или процесира како информација до клиентот без истиот реално да биде произведен.

На обуката „Дизајн на облека во 3D“ – основно ниво, се изучуват алатките за дизајнирање облека во 3D софтвер. За целите на тренингот ние имаме обезбедено лиценца за 3Д софтвер – DC Suite која учесниците ја добиваат бесплатно за времетраење на тренингот, секој учесник за да ја следи обуката треба да обезбеди компјутер и стабилна интернет врска.

По завршување на обуката учесниците се стекнувааат со сертификат – Дизајнер на облека во 3Д основно ниво.

Програмата Fashion-Freelancer претставува комплексна целина која опфаќа два суштински елементи многу важни за секој почетник:

  • Изучување на основни софтверски алатки за работа во софтвер за 3Д Моден дизајн.
  • Градење на основа за упешен фриленсинг т.е. глобално нудење на услуга како Fashion Freelancer што во себе вклучува – градење на профил на филенс платформа, барање клиенти, воспоставување на контакт со клиент, одредување на цена на услуга, испорачување на услуга, отварање на сметка и наплата на услугата.

Наша цел на крајот на обуката секој еден учесник да има затворен круг во реализација на барем еден проект. Покрај групните обуки (во мали групи од максимум 5 лица) учесниците континуирано секојдневно ќе работат во индивидуална комуникација со менторите.

Колку модули опфаќа обуката и кои се тие?

Обуката опфаќа неколку модули, а тоа се:

  • Основни функции, транслација од 2D во 3D. На овој модул се совладуваат основните алатки за работа во 3D, односно интерфејсот на алатките, одбирање аватар и така натаму.
  • Повеќеслојно претставување на модел. Во овој модул, откако ќе се совладаат шаблоните се учи како истите да се претстават на аватар за да се добие комплетен изглед.
  • Правилно аплицирање и едитирање на штоф. Овој модул ве учи како се употребуваат и едитираат дигитални материјали и како се додаваат логоа, апликации и слично.
  • Обработка на додатоци и апликативни кројни делови. Интересниот дел од тренингот е додавањето на оние навидум ситни нешта што го прават парчето облека уникатно. Ќе научете да додадете копчиња, патенти, штепови, платки и слично.
  • Работа со клучни 3D алатки. Тренингот овозможува да научете како да додадете фалти, набори, брусни, глок на своите дизајни за да ги направите токму по ваша замисла.
  • Правилна употреба на 3D алатки за 3D визуелизација. За материјалите да изгледаат пореално, во овој модул се учи за лелеавост, прекршување, еластичност, триење, густина и така натаму.

По изучување на овој дел, следува дел за фриленсинг.

Во склоп на обуката има дел за фриленсинг. Може ли да ни дадете повеќе детали за ова?

По изучување за дизајнирање на облека во 3D, учесниците ќе имаат шанса да научат како да станат фриленс дизајнери на облека во 3D. Ова значи дека ќе научат како да станат конкурентни на пазарот. Ќе креираат профили на платформи за фриленсери, ќе научат како да се презентираат себе во најдобро светло, како да добијат клиент и како ефикасно да комуницираат со него, како да ги подмират своите легални обврски и така натаму. Ова е процес што трае еден месец кој ќе го води искусниот фриленсер Блаже Спирески, кој своето знаење ќе го пренесе на нашите студенти.

Колку чини тренингот, кога започнува, како ќе се спроведува, што е потребно и колку време трае?

Субвенционираната цена на тренингот чини 250 евра. Првите три групи започнаа на 4, 5 и 6 Октомври. Следните групи започнуваат на 30 декември 2022 година, а за уписи ќе известиме навремено на нашите социјални медиуми.

Тренингот е поддржан од програмата RECONOMY. RECONOMY е регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Импакт Фондација и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.

Спроведувањето на тренингот е онлајн, бидејќи има интерес од сите градови, а наша цел е секој кој има интерес да биде вклучен, по потреба менторите се отворени и за индивидуални сесии со физичко присуство во работните простории на VM3D. Целосниот тренинг трае 13 недели, односно 9 недели изучување на дизајнирање облека во 3D и 4 недели како да се стане успешен фриленсер во оваа сфера и градење на сопствено потфолио. За да се пријавите на тренингот потребен е компјутер со спецификации кои може да ги погледнете овде.

Која е вашата порака за сите кои сакаат да станат фриленс дизајнери на облека?

Мојата порака за сите е доколку имаат желба да бидат дел од модната индустрија е да не се срамат да се пријават на тренингот. Ние имаме прекрасни инструктори кои ќе ги научат како функционираат работите во модата и фриленсингот.

Доколку сте фриленсер во потрага по платформи на кои има фриленс проекти, прочитајте го следниот блог пост 7 топ платформи за наоѓање фриленс проекти.

Viktorija Andonova

Викторија Андонова е асистент за комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. Таа верува дека секој може да го постигне тоа што ќе го намисли и верува дека секој е способен за го надмине секој предизвик, колку и тоа да изгледа невозможно.