You are currently viewing Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот

Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот

На 17ти Ноември, во Скопје, се одржа средба посветена на усогласеноста на националната правна и институционална рамка со Меѓународните стандарди на трудот (МСТ). Оваа средба ги поддржи националните трипартитни дискусии и носење одлуки за целите на усогласувањето на законодавството и практиките за работните и индустриските односи со меѓународните стандарди на трудот и применливото право на ЕУ (закони, институции, најдобри практики).

Средбата се фокусираше на различните форми на договорите за вработување, нивното уредување и зачестеност на европско ниво. Таа понуди можност за разгледување на потребата за достоинствена работа во економијата на платформи и  ја продолжи дискусијата за различните форми на договори за вработување и идеите за нивното уредување во македонското законодавство.

Организатори на настанот беа Меѓународната организација на трудот (МОТ), програмата RECONOMY и Здружението за социјалнo и трудово право.

Директорката на Импакт Фондацијата, која е имплементатор на програмата RECONOMY, Елена Иванова, презентираше податоци пред присутните од Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација за труд, како и академската фела од Здружението за социјално и трудово право, каква е состојбата со фриленсерите кои работат на дигитални платформи од земјава со цел да предочи дека условите можат и треба да се подобрат во интерес на создавање дигитални работни места.

Имено, последните податоци кои датираат од 2021 година, говорат за голем раст на овие дигитални работни места, каде С.Македонија учествува со 20% од вкупно активните профили на фриленсерите од Западен Балкан. Во исто време, македонските фриленсери иако работоспособни, конкурентни и успешни на светскиот пазар (глобалните дигитални платформи), се и значителни контрибутори во економскиот развој на земјата, но сепак не можат да ги остварат правата на социјални бенефиции кои засега, произлегуваат само од регулиран работен однос.

Г. Сергеј Суарез Дилон Соарес експерт и аналитичар на договорите за работа на платформи истакна дека постојат соодветни договори во Италија, Шпанија и Грција кои ги уредуваат и овие односи помеѓу работникот и платформата, како работни односи, колективни договори и имаат барем минимум заштита за работникот, кој во некои случаи се смета и за економски зависен (од платформата).

Дополнително ќе се испитаат можностите дел од своите права фриленсерите да можат да си ги остварат и преку други надлежни институции согласно мандатот на нивната легислатива.

Andrijana Serafimovska

Андријана Серафимовска е асистент за комуникации во Импакт Фондација. Амбициозна и мотивирана индивидуа, со страст за волонтирање за да се подобри квалитетот на живот на лица од маргинализирани групи. Таа има искуство во управување со проекти за невладини организации и маркетинг на социјалните медиуми.