You are currently viewing Со искрената грижа за клиентите издигнавме многу Амазон брендови

Со искрената грижа за клиентите издигнавме многу Амазон брендови

1. Кои беа главните двигатели да ја основаш Lista? Кое е Вашето уникатно решение кое го нудите за Вашите клиенти – Амазон брендови?

Идејата за Листа се јави многу органски. Во нашата дизајн агенција Fliprise, работиме со Амазон клиенти уште од 2016 година. Во овие 6 години имавме можност да издигнеме Амазон брендови во Амазон гиганти. Заради оптимизирање на работата, беше клучно да дизајнираме паметно формулирани темплејти кои ја потенцираат предноста на нашите производи пред конкуренцијата.

Кога го увидовме влијанието на темплејтите врз конверзијата и заштедата, решивме да креираме платформа која ќе нуди генерирање на продукт слики на основа на вакви темплејти, во само неколку минути и без потреба од дизајнер. Сликите креирани преку Листа, можат да се интегрираат директно на Амазон продукт страните на корисниците, а работиме и на бројни нови уникатни придобивки.

2. Како твоето искуство со фриленсерството ти помогна да започнеш свој бизнис? Кои, и дали стратегиите кои си ги користел се уште те служат и во твоите претприемачки денови? Што ти недостига најмногу од работењето како фриленсер?

Моето фриленсерско искуство ме принуди да отворам свој бизнис. За мене, овој процес не беше лесен, ниту јасен. Се фрлив „на глава“ и целев да ја задоволам побарувачката. Стратегијата ми беше преку автентична, искрена грижа за клиентите и работење на нивната визија, да создадам компанија преку која ќе постигнам повеќе отколку што би можел сам, под услов тој успех да биде споделен со вработените и тие да имаат можност да растат и да се развиваат со мене.

Фриленсот е за луѓе кои сакаат независност и слобода. Бизнисот е за луѓе кои се спремни на ризик и одговорност за други. Понекогаш ми недостига независност и слобода, меѓутоа тоа не се мери со гордоста која ја чувствувам од сите наши заеднички успеси како компанија и личниот раст што го постигнав баш заради таа одговорност.

3. Кои се твоите предвидување за стартап заедницата? Дали фриленсерите можат да направат промена во развојот на овој екосистем?

Првиот допир со стартап екосистемот ја имав кога бев ко-сопственик во Нетворкер и од тоа искуство добив впечаток дека има многу идеи, а малку и мали извори на финансии за нив споредбено со други земји во регионот и пошироко. Фриленсерите се идеални играчи во оваа клима, затоа што се платени по учинок и најчесто не го оптеретуваат буџетот, меѓутоа тие работат претежно во микро-средината на стартапите, што мислам дека побавно придонесува за големи промени на ниво на екосистем. Мислам дека суштинска промена во развојот на стартап заедницата можат да направат само инвестициските агенти: повеќе инвеститори, повеќе фондови, многу (многу) повеќе пари.


4.На Founders Night, од фриленсери до ко-основачи напомена дека моментално тимот на Lista се проширува. Можеш ли да ни кажеш каков профил на луѓе барате? Како би придонеле овие поединци за иднината на Lista?

Прво би сакал да ви се заблагодарам што ме поканивте на Founders Night. Од тоа претставување видовме голем интерес за соработка кај фриленсери, а тоа сведочи за вашето влијание врз стартап заедницата.

Листа само до сега има собрано pre-seed инвестиции во износ од над 200,000 евра. Периодов што следува ќе имаме потреба од креативни умови кои ќе работат на маркетинг стратегија и активности со нас. Го бараме најдоброто: најкреативни, најискусни, најпаметни луѓе, кои ќе помогнат да изградиме препознатлив македонски бренд во сферата на Амазон дизајн услугите.


Filip Dzhambazoski

Филип Џамбазоски е асистент за маркетинг и комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. За него ,, Познавањето на сопствената страст помага и на другите да ја пронајдат својата“ што е во директна корелација со начинот на кој треба да ги обликуваме денешните лидери во идни донесувачи на одлуки.