You are currently viewing Креирање тим на фриленс видео едитори – Добри Додовски

Креирање тим на фриленс видео едитори – Добри Додовски

1. Како комплексна наука видео едитирањето бележи се поголем раст во побарувачка. Зошто се одлучи твојата експертиза да ја продаваш на Upwork? Што ја прави оваа професија привлечна?

Пред да започнам со работа на Upwork, клиентите ги наоѓав приватно преку заеднички пријатели, или преку платформи како Linkedin. 

Upwork ми овозможи да се поврзам со клиенти од целиот свет и да имам редовни приходи.

Секојдневните предизвици ја прават оваа професија привлечна. Секој клиент има различни желби, различен тип на видеа, така што работниот ден е секогаш интересен. Работата е доста динамична.

2. Дали твојата професија бара постојано усовршување и следење на трендовите? Кои алатки ги користиш најмногу и ги препорачуваш за почетници?

 Постојано мора да се следат светските трендови. Често гледаме нови работи кои се применуваат во едитирањето видеа, со цел да се задржи вниманието на гледачите, видеата да не бидат досадни и монотони.

Како и секоја професија, така и оваа си бара постојано учење нови вештини, усовршување и многу работа.

Програмот кој јас го користам, Adobe Premiere Pro, има премногу опции, прилично комплексен е, на прв поглед можеби делува застрашувачки и покомплицирано од тоа што навистина е. Но, со многу работа и вложен труд, може се да се постигне.

На оние кои планираат да ја работат оваа професија во иднина, би им препорачал да се посветат на изучување на програмот Adobe Premiere Pro, бидејќи најмногу се користи. Голем дел од клиентите бараат нивниот видео едитор да го користи токму овој програм.

3. Како ја гледаш твојата кариера како видео едитор во иднина? Дали фриленсингот го гледаш како долгорочна опција за заработка?

Во моментов учам да работам на програмот Adobe After Effects, за потоа да можам да креирам анимации. Анимираните видеа се многу популарни, што значи дека ќе имам шанса да работам на повеќе проекти. Поради големата побарувачка, веќе имам потреба од луѓе кои што заедно со мене би изработувале видеа, така што планот е наскоро да имам цел тим видео едитори.

Моето досегашно искуство со фриленсингот е позитивно. Со сигурност можам да кажам дека ќе продолжам со ова.

4. Какви се реакциите на твоите познаници кога им објаснуваш дека си фриленсер? Дали овој начин на заработка е познат кај нас? Дали ја имаш потребната поддршка од околината?

Фриленс работата кај нас е во подем. Можам да кажам дека кај нас младите е се повеќе тема на разговор. Многу млади луѓе се одлучуваат да се посветат на градење на фриленс кариера.

Меѓутоа, за постарите ова е непознат поим. Често се соочувам со потешкотии да им објаснам што навистина работам и како тоа изгледа.

Се уште многу луѓе мислат дека ние фриленсерите не работиме ништо, само поради тоа што немаме класично работно време.

Не можам да кажам дека на почетокот имав голема поддршка. Со тек на време луѓето разбраа дека ова и не е така несериозно како што сите сметаа на почетокот. Од ден во ден, поддршката од околината е се поголема.

Добри е дел од мрежата на ментори кои ќе ги предводат идните фриленсери во Република Северна Македонија. Преку неговата експертиза фриленсерите ќе имаат прилика да се здобијат со мноштво вештини кои ќе резултираат со активно зголемување на фриленс заедницата и зголемена заработка.

Доколку сакате да научите за видео едитирање од Добри и да станете успешен фриленсер пријавете се на следниот ЛИНК

Оваа активност е поддржана од RECONOMY програмата.

RECONOMY е регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Импакт Фондација и други организации вo земјите од Источното партнерство и Западен Балкан.

Filip Dzhambazoski

Филип Џамбазоски е асистент за маркетинг и комуникации во ИМПАКТ ФОНДАЦИЈА. За него ,, Познавањето на сопствената страст помага и на другите да ја пронајдат својата“ што е во директна корелација со начинот на кој треба да ги обликуваме денешните лидери во идни донесувачи на одлуки.